Потребно е дополнително прецизирање на одредбите кои се однесуваат на постапките за изработка и донесување на урбанистички планови, но и да се зајакне транспарентноста и јавната контрола над работењето на органите и институции надлежни за оваа област.

Ова беа дел од заклучоците на денешниот завршен настан од проектот „Проценка на ранливост од корупција во државните институции и власти за просторно планирање, урбанизам и градежништво“, каде беа презентирани наодите од спроведените истражувања. Настанот е спроведен од страна на Транспаренси Интернешнл-Македонија, а поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целта на анализата е утврдување на ранливоста во институциите и процедурите што доведуваат до зголемена корупција во делот на просторното планирање и урбанизмот на градежништвото.

Ова истражување се спроведе со цел да се согледаат евентуалните ризици од корупција во сферата на градежништвото, и да се нагласи важноста од континуирано намалување на овие ризици, преку зајакнување на контролните механизми од страна на единиците на локалната самоуправа и државните органи.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска во своето денешно обраќање посочи дека анализата ги идентификувала бројните состојби на дискрециони овластувања на локалната власт, недостигот на добро формулирани законски одредби, преклопување на законските одредби, различното толкување на некои од овие одредби, но и честото менување на законите, во што е содржан и ризикот од корупција и судир на интереси.

Ивановска според ова истражување, заклучува дека законските и подзаконските акти кои се однесуваат на урбанизмот имаат одредби кои не се дефинирани.

Повеќе органи, како што рече, имаат надлежности за спроведување на прописите кои се однесуваат на урбанизмот на просторното планирање.

-Од една страна се минимизира ризикот од концетрација на моќта во една институција, меѓутоа од друга страна во праксата се создава конфузија во поглед на надлежностите и преземањето на активностите, како и толкување на законските членови, кои може да ги доведат до различна примена, додаде Ивановска.

Таа напомена дека иако во овие закони е пропишано учеството на граѓаните, во пракса нивното учество е минимилизирано, бидејќи постои можност да бидат користени правните празнини од споменатите закони.

-Исто така, секторот за урбанизам и другите надлежни институции кои се наделжни за уирбанизмот и градежништвото ги користат овие правни празнини кои се резултат на многуте донесени подзаконски акти и правилници но и многуте измени во законските одредби, рече претседателката на ДКСК, која притоа посочи дека главна база на овие пропусти лежи во недефинираноста на главните законски одредби.

Според Ивановска, треба да се предвиди одговорност во врска со непочитувањето на законските одредби во смисла да постојат построги казни за надомест на штета. Понатаму, треба да се зајакне транспарентноста и јавната контрола над работењето на државните органи и институции во оваа област и да има поголема активност на граѓанскиот сектор и поголема застапеност и активност на медиумите кои треба да придонесат за намалување на коруптивноста.

Експертот Сирма Ѓорѓиева Антонијевиќ истакна дека начело на јавност не се наоѓа во Законот за урбанистичко планирање. Тоа, како што рече, е еден од ризик фактори каде јавноста е исклучена, и смета дека тој мора да трпи измена.

-Не постои детално утврдување на тоа што е стратегиско значење. Има доста дефиниции каде нема никаква категоричност. Се споменува во текстот на Законот некаква бруто површина, но нема детално објаснување што е бруто површина и на што се однесува. Нема регулатива за постапката во врска со сузпензија на плановите. И какви последици може да има таа постапка. Исто така, нема дефиниција кој е органот на државна управа, надлежна за уредување на просторот, додаде Ѓорѓиева Антонијевиќ во своето обраќање.

Таа појасни дека поради овие недостатоци, постои можност за различна примена и различно толкување на одредбите.

-Не постои детална законска регулатива во сузпензија на плановите и последиците од оваа постапка, туку само стои дека одлуката за сузпензија се донесува од донесувачот на планот по претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа. Повторно, не постои дефиниција кој е органот на државната управа, додаде таа.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска констатираше дека планирањето на просторот, користењето на државното земјиште мора да се темели на принципите на хуманизација, на заштита и унпаредување на животната средина, како и на социјална, економска и еколошката одржливост на просторот.

-Ако ме прашате дали денеска е подобро урбанистичкото планирање и сите овие постапки од пред пет, па и повеќе години, ќе кажам со сигурност – Да. Денеска имаме подобар систем кој ќе го даде својот резултат во идниот период, рече министерот.

Тој додаде дека денес не се изработуваат урбанистичките планови со избор на најниска цена. Ова, како што рече, е минато, бидејќи се применува тарифникот за изработка на урбанистички планови, каде се предвидува изработка на урбанистички план по утврдени цени дадени во тарифникот.

-Со новиот Закон за урбанистичко планирање имаме за цел да го унапредиме планирањето на просторот, и да го поттикнеме градежништвото. Во делот на изготвување на Закаонот, за првпат беа вклучени сите чинители во оваа област од државни институции, комори, граѓански здруженија, за да на крај по транспарентна постапка креираме нов, современ и стручен европски закон, со кој овозможивме просторен и економски развој на државата, рече Бочварски.