Владината прес-служба по вчерашната седница на Владата соопшти дека до Собранието ќе биде доставен Предлог-закон со внесените измени и дополнувања со кои пописот се одлага за септември 2021 година и процесот на самопопишување на граѓаните од дијаспората се продолжува до крајот на одржувањето на статистичката операција.
Одлуката за одлагање на пописот беше донесна на завчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои се договорија теренскиот попис, кој требаше да почне од утре, да биде одложен и да се спроведе од 5 до 30 септември оваа година, со цел да се создаде можност за имунизација на населението и на попишувачите. За да може да се спроведе ова одлагање, потребна е измена на постојниот Закон за пописот во 2021 година.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера изјави дека измените во Законот за попис се мали и се сведуваат на две прашања – дека датумот на пописот наместо од 1 до 21 април ќе биде од 5 до 30 септември и дека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува до 30 септември, кога треба да заврши теренскиот дел на пописот.
Тој најави дека ќе предложи Владата да ги испрати измените на Законот во Собранието „со европско знаменце“ и по скратена постапка, како што беше и примарно предложен, со што не очекува можност за блокади.
Меѓутоа, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива соопшти дека се противи на одложување на пописот. Лидерите на двете опозициски партии, Зијадин Села и Африм Гаши на прес-конференција во Собранието истакнаа дека не го прифаќаат одложувањето на теренското попишување и најавија дека нивните 12 пратеници ќе гласаат против измените за Законот за попис.
– Ќе ги искористиме сите средства и се што е во наша моќ овој процес да продолжи. Оваа форма на одложување на пописот, како што постапија Заев и Мицкоски за нас е неприфатлива. Пописот не треба да се политизира, туку конечно да знаеме колку сме и да се носат одлуки врз основа на тоа, изјави Гаши.
Села, од своја страна, нагласи дека оваа коалиција има механизам да спречи промена на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство.
Премиерот Заев вчера на прес-конференција изјави дека верува оти сите парламентарни партии одговорно ќе се однесуваат и ќе ги поддржат измените на Законот на попис.
– Законот за попис како што беше предложен во Собранието, така се предложени и измените, со европско знаме. Роковите се јасни. Но, секако очекувам да изнајдеме решение за поддршка на оваа проблематика од страна на сите политички партии, истакна Заев, посочувајќи дека нема никаква причина за блокада од страна на Алијансата за Албанците и Алтернатива, бидејќи кога се носеше Законот, токму овие партии предлагале самиот попис да се одложи од април за јуни.
Заев изрази надеж дека на утрешната средба на претставниците на парламентарните партии ќе се изнајде решение.
– Иако средбата за утре е закажана за Законот за државјанствата…, ако има потреба да се разговара за пописот, јас ќе разговарам, се со конечна цел да изнајдеме сите усогласени ставови, да застанеме зад пописот, зошто е важно да ја имаме успешно спроведено оваа статистичка важна операција за државата и народот, рече Заев.
Демократската унија за интеграција оцени дека пролонгирање на пописот е правилна и правична одлука, која го помага процесот и обезбедува дополнителни можности за регистрација на целата наша дијаспора.Според ДУИ, противењето на Алијанса за Албанците и Алтернатива за одложување на пописот зборува за нивната недоследност и неискреност кон граѓаните.
– Преку неколку амандмани предложени од пратеничката група на Алијансата за Албанците и Алтернатива, се бараше процесот на попис да се пролонгира за одреден период, поврзувајќи го истото со здравствената криза предизвикана од КОВИД-19. Истите, откако вчера беше најавено пролонгирање на процесот на Попис на населението, се спротивставуваат и најавуваат блокирање на целиот процес, реагираше ДУИ преку партиско соопштение.
Поддршка на одложувањето на пописот даде и Левица, чиј лидер Димитар Апасиев оцени дека е добро што е договорено тој да биде одложен, но нагласи дека тоа одлагање засега е само де факто, но не и де јуре.
– Има две варијанти или Собранието да го одложи каде што не би можело да има блокада, бидејќи е со европско знаме. Или во случај да не може тоа да се постигне, мислам дека ќе се оди преку Уставниот суд, односно поништување на Законот или негово укинување со времена мерка мораториум, ставање вон сила. Левица има поднесено таква иницијатива, истакна Апасиев, додавајќи дека тоа се двете можни варијанти, имајќи предвид дека станува збор за Закон, кој Владата не може сама да го измени.
Во врска со попишувањето став изнесе и американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер, кој оцени дека е важно државата да организира попис согласно стандардите на Евростат и ја повика ја опозицијата да не бојкотира и да ја извршува работата за која ја избрале граѓаните.
– Важно е опозицијата да се појави во Парламентот, да ја извршува нејзината работа, да ги претставува интересите на нејзините гласачи, луѓето кои ја избрале да ги застапува нивните интереси. Бојкоти, блокади, неизвршување на нивната работа, ништо од ова не води до прогрес, порача Палмер во изјава за Гласот на Америка.