Изготвен е вториот квартален извештај за мониторинг на спроведување на препораките кои беа подготвени од Транспаренси Интернешанл Македонија за јавните институции за надминување на ризиците од корупција во овие области.

Од Транспаренси Интернешанл Македонија соопштија дека извештајот е изготвен во периодот од април до јуни во рамки на нивниот проект „Проценка на ранливоста од корупција во државните институции и локални власти за просторно планирање, урбанизам и градежништво”.

Истражувањето покажа дека интересот на институциите за исполнување на препораките е сѐ уште на ниско ниво, но дека постои зголемена активност на локалната и извршната власт со цел да се имплементираат препораките. Преку состаноци со претставници на локалната власт, ДКСК и Министерството за транспорт и врски беа констатирани почетни точки за надминување на ризиците од корупција во областите: Воспоставување комуникација и соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, ДКСК, Транспаренси Интернешанл – Македонија, Агенцијата за просторно планирање преку директни состаноци, назначување на лица за комуникација и одговорни за прибирање на информации, вклучување на општините и обврска за следење на напредокот во исполнување на препораките, како и повеќе обуки за општините во однос на промените на законите, и извештаите активно да се користат во на антикоруциската проверка на легислативата (АПЛ) и редовно да се доставуваат до ресорните министерства и до Владата, информираат од Транспаренси Интернешанл – Македонија.

Посочуваат дека големите дискрециони овластувања на локалната власт, недостигот на добро формулирани законски одреби, судир на законските одредби како и различното толкување на законските норми од една страна, но и честото менување на законите од друга страна создава ризик од зголемување на корупцијата.

Во оваа насока потребна е зајакната соработка и координираност помеѓу Министерството за транспорт и врски, локалната власт, Заедницата на единиците на локалната самоуправа и Државната комисија за спречување на корупција за надминување на ризиците од корупција и усогласено изнаоѓање на решенија за спроведување на препораките. Транспаренси Интернешанл Македонија останува отворена за поддршка и соработка со институциите во насока на надминување на ризиците од корупција во овие области, стои во соопштението.