„Реформата која дојде од претходната министерка Мила Царовска беше катастрофална, и наместо да се продолжи она што се почнало, па да се влезе во некаков ред, дојдоа некакви нови промени кои апсолутно не беа соодветни на нашиот образовен систем. Не само што концепцијата беше многу чудна со укинување на предмети и побарувачка од наставниците да предаваат нешто за што не се остручени“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на радио „Лидер“.
Јаневска додаде дека дополнително и распоредите требаше да се усогласуваат. А, укинувањето на историјата предизвика голем проблем во целото општество. И најголем проблем беше и недостатокот на книги.
„Најголем проблем е недостатокот на книги, затоа што таа концепција предвидуваше т.н. дигитални учебници кои ден денес ги нема. А, се уште концепцијата е на сила, новиот министер за образование и наука не ја укина“, појасни Јаневска.
Таа посочи дека новиот министер за образование и наука се обиде да печати и книги, но печатењето на книги стана проблем бидејќи се уште за одредени предмети ги нема, а веќе е крај на второ полугодие.
„Дел од книгите се стигнати, дел не се стигнати, прашање е дали воопшто ќе стигнат. А, и оние што стигнаа беа со толку лош квалитет што дури беше срамно“, укажа таа.
Јаневска рече дека власта не може воопшто да се пофали со добри реформи во образованието.
„Наместо да надоградуваме и подобруваме, ние имам ретроградни процеси во кои во овој момент јас одговорно тврдам четири години немаме никакво образование“, истакна Јаневска посочувајќи дека власта образовниот систем го уништи со лоши реформи.
Јаневска укажа дека Владата единствено владее за своите потреби, а не се грижи за интересите и потребите на граѓаните.