Тоа значи дека туристичкиот сектор нема граници во својот раст. Ако во првата половина од 2021-ва споредено со 2019-та приливот е само 10 милиони помалку, јасно е колку би можеле да сработиме со добро планирање, истакнува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.
Јаневски во разговор за МИА вели дека АППТ наместо 107 милиони денари, колку што побарала, од државниот Буџет за 2022 година ќе добие 32,5 милиони денари. Според него, засега нема објаснување на што се должи ова четирикратно намалување на средствата.
Секој денар од побараните 107 милиони, уверува Јаневски, бил рационално испланиран, но Агенцијата не успеала да го презентира пред Министерството за финансии Стратегискиот план за 2022-ра во кој на околу 80-на страници прецизира што точно ќе работи и кои се нејзините цели..
Јаневски се осврнува и на постигнатите резултати годинава и уште еднаш нагласува дека клучната заложба е Агенцијата да прерасне во национална туристичка организација.
– За жал, и покрај најголемиот Буџет во историјата на државата, АППТ доби четири пати помалку средства за 2022 година. Од бараните 107 милиони денари, што е сосема рационално испланирано, до денар, ние добивме 32,5 милиони денари. Во овие средства е предвидена целата промоција, целата поддршка, платите и оперативното работење на Агенцијата. И покрај одредени контакти, не добивме типичен одговор зошто е ова вака. Немаме конкретно образложение. Во овој момент, со овие средства, не ќе можеме да си ги платиме билетите и престојот само за Саемот во Берлин и покрај тоа што веќе има заинтерсирани пет македонски тур-оператори заедно со Агенцијата да присуствуваат на тој Саем. И во 2021 и во 2022 година, и покрај стратегиското обемно планирање, Агенцијата воопшто не беше повикана да го презентира буџетот што го бара. Не бевме повикани да објасниме зошто ги бараме тие средства иако професионално е изработен Стратегискиот план, врз основа на релевантни податоци и движења од светски, регионални и регионални пазари. Продолжи праксата за објавување на сајтот на Министерството без никакво образложение зошто го добиваме тој буџет, истакнува Јаневски.
АППТ со Стратегискиот план за 2022-ра бара средства за поголема промоција, за поголемо присуство на саеми, но и за брендирање на земјава како туристичка дестинација.
– Како ќе ја развиваме дестинацијата ако ги немаме основните услови? Во овој момент не би можел да кажам дека, како што тврди Владата, туризмот е еден од нашите државни приоритети. Напротив, можеби треба искрено да кажеме дека со ваквиот третман, целта е да се прикаже дека Агенцијата е нефункционално тело. Ако велиме дека во 2022 година треба да ја брендираме дестинацијата и да работиме на нејзина валоризација, да креираме комуникативна стратегија и брошури зашто веќе немаме, да реализираме проекти кои би ја прикажале Северна Македонија пред светот како дестинација за четири сезони или ако треба да го понудиме сé она што го бараат странските туристи (слободно патување, можности во алтернативниот туризам), мислам дека со ваквиот буџет тоа нема да можеме да го исполниме, подвлекува Јаневски.
Тој предочува дека соседните земји само за јутјуб и гугл кампањи трошат повеќе од половина милион ерва, а нивните буџети се неколку пати зголемени.
– За жал, но и за среќа, научени сме да работиме со мали буџети. Ќе го дадеме својот максимум иако, се надевам дека, до донесување на државниот Буџет, ќе одржиме состаноци со Министерството за финансии и ќе имаме можност да ја претставиме нашата визија зашто Агенцијата треба да оди напред, а не назад, потенцира директорот.
Стратегискиот план на АППТ за 2022 година, како што посочува Јаневски, е сублимат на потребите на турустичките работници, турустичките комори, асоцијациите и здруженијата.
– Ако во 2018 и 2019 година зборувавме дека земјава е многу понапред од некои регионални дестинации во промовирањето претежно онлајн и на новите трендови, тоа не можам да го кажам за 2021 и 2022 година и покрај остварените резултати, зашто новата реалност во секторот треба дополнително да биде промовирана. Конкурентноста на дестинациите по 2021 година ќе биде уште поголема, истакнува директорот.
Според него, во 2020 година, со почетокот на пандемијата, Агенцијата си постави поразлична цел заедно со Владата и Координативното тело – да го спаси туризмот и да ги зачува сите работни места.
– Тогаш не можевме да зборуваме за стратегии и за развој. Зборувавме за што помал минус. Верувам дека успеавме во тоа. Годинава, пак, докажавме дека стратегиското планирање на АППТ и во 2020 и во 2021 година се покажа како точно. Заклучно со август бележиме скок меѓу 20 и 30 проценти, односно стигнавме близу до 1,9 милинои ноќевања. Предвидувањата беа дека ќе имаме 2,2 – 2,3 милиони ноќевања. Сигурен сум дека ќе ја достигнеме оваа бројка. Тоа што за некои личеше невозможно – Холандија или Полска да не посетат годинава, се покажа дека е реалност, а се покажа и дека е неоснована замерката на некои туристички експерти дека директорот на Агенцијата носи розови очила, вели Јаневски.
Тој напоменува дека резултатите од тоа што се вложува сега, треба да се очекуваат за две до три години.
– Ако 2021 година докажавме дека можеме со малку поголем Буџет од овој, но со заедничка работа на нашите пријатели УСАИД, УНДП, ИМЕ Програмата и други странски донатори, очекувавме во 2022 година да почнеме вистински да го враќаме секторот во кондиција. Но, кај нас, развојниот сегмент како да не ги следи успесите во туризмот, укажува директорот на АППТ.
Јанвески е дециден дека АППТ треба да прерасне во национална туристичка организација.
– Со новата реформа на државната администрација Агенцијата за туризам можеби ќе треба да потпадне под некое Министерство, што ќе значи уназадување неколку чекори. Ќе повторам, како што зборувам и изминатите неколку години, дека АППТ треба да израсне во национална туристичка организација, а не да биде дел од некое Министерство, негов директорат, со кој ќе се зголемува само административниот апарат. Веќе две години имаме одлив на стручни кадри, а нови вработувања нема. Тоа што го покажавме досега и за време на кризата докажува дека можеме да бидеме носечки елемент во имплементирање на државните стратегии кога е туризмот во прашање. Агенцијата треба да има професионалци кои ќе создаваат нова вредност во туристичкиот сектор, истакнува Јаневски.
И во овој контекст тој ги зема другите земји од регионот за пример.
– Сакаме да се споредуваме со Хрватска и Словенија, Црна Гора или Србија каде функционирањето е на неколку нивоа – покрај Министерството за туризам, постои Национална туристичка организација и локални организации за менаџирање кои дополнително влијаат врз развивање на малите дестинации и нивно брендирање, како и на создавање нови атракции. Националната туристичка организација, пак, создава можности и имплементира државни стратегии. Дополнително, има и туристичка инспекција, како и туристичка полиција кои го регулираат пазарот во туризмот, создаваат и спроведуваат стратегии и му помагаат на Министерството во носењето на некои законски легислативи, објаснува Јаневски и потсетува дека неколку пати од страна на АППТ е побарано да се воспостави туристичка инспекција.
Во однос на актуелните активности, Јаневски информира дека на барање на туристичкиот сектор, веќе течат преговорите за Саемот во Мадрид каде како дестинација сме добредојдени. Пријавени се три тур-оператори кои заедно со Агенцијата сакаат да ја промовираат земјава како атрактивна дестинација.
– Течат подготовките за Саемот во Берлин, за еден од најголемите саеми во Шпанија, за саемите во Исанбул, Измир, Москва,…, саеми кои се во примарниот пазар на Агенцијата, но и во туризмот – за развој на секторот, пазари со кои ние и понатаму треба да работиме, особено по воспоставувањето на директните линии (со Москва и Санкт Петерсбург). Бројот на руските туристи оваа година се зголеми фрапантно, за 300 отсто. Најавените чартери за Холандија, Белгија, Полска, Британија во 2022 година и најавените чартери за Москва и Санкт Петерсбург даваат одлична можност за достигнување на стратегиската цел на Агенцијата за 2022 година, а тоа е 2,5 милиони ноќевања, како што претходно кажав. Всушност, во 2022 година ќе стигнеме многу блиску до девизниот прилив од 2019 година, прогнозира Јаневски според кој, домашниот туристички сектор покажува добри знаци на закрепнување.