Словенија за време на своето претседавање со Советот на ЕУ се избори во документите повторно да се воведе поимот „перспектива на членството“ во таа интеграција, наместо само „европска перспектива“ за државите на Балканот и европското источно соседство, тврди словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Еден од стратегиските успеси е што проширувањето го вративме на маса како еден од клучните стратегиски проекти на ЕУ. Но за тоа беа потребни многу расправи, кажа Јанша за Словенечката телевизија, зборувајќи за успесите на својата влада, во традиционалното предновогодишно интервју. Во тие расправи многу пати кажав дека по сè што доживуваме на истокот и што во последните децении го гледавме на Балканот треба да биде јасно дека ЕУ мора да се шири со што се шири просторот на слободата и благосостојбата. Треба да се ослободиме од илузијата дека нештата ќе се решаваат сами по себе, а ако не се шири ЕУ, ќе се шири некој друг, кажа Јанша.
Јанша истакна дека на тие состаноци во Брисел постигнал во документите на Европската унија наместо „европска перспектива“ на европските држави надвор од ЕУ повторно да се внесе „перспектива на членство“, на што според него се противеле и некои од постарите членки, основачки на ЕУ.
Украина, или пак Србија имаат европска перспектива бидејќи се во Европа и секогаш тука ќе останат, но сакаат перспектива на членство, но тоа беше тешко да се напише во документите и за тоа требаше да се избориме, кажа словенечкиот премиер. Особено има тука многу опортунизам кога станува збор за Западниот Балкан, додаде Јанша.
„Еден од европските лидери, нема да му го кажам името, во расправата дури кажа: зошто би ги внеле во Европската унија, кога вака ни се поевтини како работна сила“, кажа Јанша, додавајќи дека во некои постари членки преовладуваат тесноградоста и „националистичките интереси“ над визијата на слободна, мирна и обединета Европа.
Според Јанша, европскиот проект сè уште не е довршен, а многу земји кои би сакале да станат членки на Европската унија сè уште не се слободни. Тој проект треба да продолжи, а проширувањето е негов битен елемент, вели тој.