Истражувањата спроведени од почетокот на пандемијата покажуваат дека населението изложено на загаден воздух е помалку отпорно на Ковид‐19 и дека загадувањето на воздухот може да ги влоши симптомите од вирусот – ова го констатира Европскиот фонд за Балканот при спроведувањето на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ заедно со партнерите од регионот.
Горјан Јовановски, Еко-активист, креатор на МојВоздух, советник во Град Скопје од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, вели дека Македонија не е единствена земја во светот која се соочува со аерозагадувањето, но властите едноставно немаат желба, храброст и знаење да започнат сериозна “борба“ против загадениот воздух. Не треба да се измисли посебно решение, туку треба да се импелметира тоа што го вели ЕУ и тоа што го практкува цел свет.
За почеток, како советник во Град Скопје, од властите, очекува да се импелментира усвоениот амандман на Зелен Хуман Град за поставување на 100 сензори за аерозагадување, кои ќе помогнат побрзo и прецизно лоцирање на загадувачите
Лидер: Обединет Балкан за чист воздух оваа година направи темелна студија за како аерозагадувањето влијае врз КОВИД-19 пандемијата. Какви се резултатите во регионот и што покажува истражувањето за територијата на Македонија?
– Резултатите на истражувањето од кампањата Обединет Балкан за чист воздух, покажуваат дека во региони со зголемено аерозагадување, смртната стапка од КОВИД-19 се зголемува за 15%, а во Европа во загадените региони за 19%. Ова се кобни бројки, бидеќи знаеме каков ефект има лошиот воздух врз имуниот систем во човековото тело, врз респираторниот систем – системот кој најчесто е напаѓан од страна на вирусот. Македонија, заедно со другите земји од Западен Балкан имаат слични, критични нивоа на загадување на воздухот од ПМ честички, но и од сулфур диоксид, азот диоксид, озон и многу други. Што значи дека тоа е една од причините за зголемената смртна стапка кај населението заразено од КОВИД-19, кои долги години е изложувано на токсичен воздух.
Лидер: Во време на економска, енергетска криза, покачен животен стандард, колку властите во државава се грижат за здравјето на своите граѓани?
-Ние, како активисти, уште чекаме да видиме сериозна борба против аерозагадувањето. Едно време се промовираше некаков План за чист воздух, кој повеќе остана само ПР алатка отколку вистински акциски план кој се спроведува и покажува резултати. Немањето храброст, желба, знаење и алчноста кон финансиските зделки зад затворени врати, останаа главни причини зошто не се започнува сериозна борба против аерозагадувањето. Не сме единствените во светот со овој проблем, и не треба да измислиме некое посебно решение, туку само да го импелементираме тоа што и ЕУ ни го вели, но и целиот свет го практикува.
Лидер: Како може да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух? Што е она што вие го предлагате а години наназад не се спорведува од ниту една политичка гарнитура?
– Ние како независни членови на Советот во Град Скопје од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град, имаме поднесено голем број на предлози кои треба да помогнат во локалната битка против аерозагадувањето. Го поздравуваме чистењето на депониите како битен чекор, но бараме и многу повеќе: одново активирање на Зелениот катастар со кој секое дрво ќе добие регистарско бројче, и нема да може туку така да се сечат кога на некој ќе му текне, до поставуавање на био-компостари, до намалување на автоцентричноста на градот преку инвестиции во вело-инфраструктурата, поставување на фотоволтаици и инвестиции во зелена енергија… Еден од нашите амандманите за буџетот на Град Скопје за 2022 година кои беше прифатен е и поставување на 100 нови нискобуџетни сензори за аерозагадување низ Скопје. Со ова ќе се започне формирање на хипермрежа на индикативни мерни станици, кои ќе помогнат за побрзо и попрецизно лоцирање на загадувачите, и се надевам ќе помогнат на инспекциските служби подобро да си ја вршат работата.