Актуелните демографски трендови во РС Македонија не се поволни. Државата се соочува со негативни демографски движења и тоа се манифестира со пораст на емиграцијата во странство, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, Изет Зеќири, на Меѓународната конференција за миграцијата насловена „Луѓе во движење, државјанство, идентитет и развој“.
Според ректорот Зеќири, демографскиот потенцијал на една држава е главниот предуслов за развој и креирање на какви било политики и проектирање на иден економски, политички, образовен, здравствен и друг развој. Тој посочи и дека населението е еден од најважните фактори на општеството, на економскиот развој на секоја земја. Населението како што истакна ректорот има големо значење за обемот, структурата и развојот не само на производството туку и на целокупната општествена економска активност на една земја.
– Денеска во Северна Македонија има краеви во кои возрасната група над 65 години и повеќе учествува со над 20 проценти на вкупното население, а младото население до 20 проценти што е алармантна ситуација. Во областа на економијата стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците. Во социјална смисла стареењето влијае и врз структурата на семејството и уредување на животот, побарувачката на домаќинствата, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита, рече Зеќири.
На конференција се обрати и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која истакна дека преку подобрување на условите за странски работници и поедноставување на законските процедури, државата придонесува во намалувањето на дефицитот на работна сила
– Во контекст на нашата држава според статистика на ОН се проценува дека во периодот меѓу 1990 и 2019 година, повеќе од 200.000 Македонци заминале во странство за подобар живот, со што вкупното иселување достигна неверојатни 32% од вкупното население, посочи министерката.
Според Тренчевска, пазарот на труд во државата функционираше сосема добро во минатата деценија.
– Иако стапката на учество бавно растеше, стапките на вработеност и невработеност покажаа значајни подобрувања. Стапката на вработеност (15-64) порасна од 44% во 2011 година на 54,7% во 2019 година, додека стапката на невработеност (15-64) опадна од 31,9% на 17,5% во истиот период. Младите, кои се соочуваа со разни пречки на пазарот на труд, сега се соочуваат со поповолни услови, кои сепак се далеку од условите што постојат во ЕУ-27. Стапката на невработеност на младите опадна од 55,5% во 2010 година на 35,8% во 2019 година, рече Тренчевска.
Инаку во 2016 година, невладини организации, здруженија протестираа пред Владата и оставија стотици парови чевли како симбол за масовното иселување од државата. Тогаш обвинија дека политиките на власта се директно одговорни за ова масовно исселување, немаштија и бесперспективност.
Останува непознато дали од иницијативата „Заслужуваме подобро“ која тогаш го организираше настанот, сега ќе организираат ваков сличен повик.