По секојдневното обелоденување на кардинални грешки во учебниците кои пред крајот на првото полугодие ги добија децата во петто одделение, реакции за грешки стигнуваат и од родители и од наставници на ученици од повисоките одделенија. Дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, дека Монт Еверест е висок 29.305 метри, дека Марија Кири е добитничка на Нобелова награда за наука, а не постои Нобелова награда за наука, туку за хемија или за физика, не се последните катастрофални грешки кои ќе мораат да ги „голтаат“ децата, анализира порталот Фактор.
Оние во VIII одделение по географија учат дека Финците, Унгарците, Турците се жолта или монголоидна раса.
Откако до редакцијата на Фактор стигнаа низа реакции од родители кои велат дека ова е сосема погрешно, разговаравме со наставничка по географија, веќе во пензија, Стојанка Вуксановиќ, која направила истражување, конкретно за Финска и која вели дека Финците се бела раса.
-Искусен наставник доколку смета дека има нелогичности во наставниот материјал, не предава како што е напишано во книгата. Не смее да им се пренесе погрешно знаење на учениците. Голем дел од нас, просветниот кадар, не сме научни истражувачи, но, ако видиме дека постојат грешки, како на пример дека Монт еверест е висок 29.000 метри, секако дека на учениците ќе им укажеме дека во учебникот има погрешна информација. Што се однесува конкретно до расите, за ова се потребни подетални истражувања. Така на пример, она што јас го направив во моето истражување, конкретно за Финска, тие воопшто не се сметаат себе си за жолта раса, напротив тие се бела раса. Во високоразвиените земји воопшто и не станува збор за учење за расите. Кај нив се учи само од која националност е некој, односно која му е етничка припадност, вели Вуксановиќ за Фактор.
Истовремено пак, родителите на учениците од VIII одделение кои први укажаа на содржината во учебникот по географија, а кои припаѓаат на генерациите основно одделение во периодот пред осамостојувањето на Македонија, велат дека вакво нешто никогаш не учеле.