Злоупотреба на Балансерот
Минчев нагласи дека во минатото Балансерот бил предмет на злоупотреба.
“Веќе претходно истакнав дека во минатото Балансерот беше злоупотребуван, со тоа што имаше случаи каде Македонци се претставувале како Албанци, а Албанци како Македонци, како и припадници на други етнички заедници. Ова значи дека Балансерот веќе ја губи својата првична цел заради која беше создаден. Во моментот важи законското решение, и додека не се воведе ново законско решение, примената на Балансерот ќе остане на сила.”
Најави за укинување и политички реакции
Во јуни, министерот Минчев и министерот за дигитална трансформација, Андоновски, најавија дека Балансерот може да биде укинат. Ова предизвика силни реакции во албанскиот политички блок, особено од опозициската партија Европски фронт и владиниот партнер ВРЕДИ.
Првично од ВРЕДИ велеа дека Балансерот нема да биде укинат, но поновите изјави укажуваат на договор за негово заменување со нов Закон за еднаква и соодветна застапеност.
Позицијата на ВРЕДИ
Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека Балансерот ќе биде укинат штом се донесе новиот закон за еднаква и соодветна застапеност.
Ние постигнавме договор – прво треба да го усвоиме Законот за еднаква и соодветна застапеност, по што ќе следува укинувањето на Балансерот. Кога ќе постои таков закон, повеќе нема да има потреба од Балансерот. Сите луѓе кои редовно доаѓаат на работа нема да бидат отпуштени, за тоа ви гарантирам. Меѓутоа, оние кои не се појавуваат на работа, да, ќе бидат засегнати. Ќе се спроведе систематизација на вработените во институциите, таму каде што има реална потреба
Тој додаде дека сите кои редовно ги извршуваат своите обврски нема да бидат отпуштени, но оние кои не работат ќе се соочат со систематизација.
Охридскиот рамковен договор и Балансерот
Балансерот е воведен како дел од Охридскиот рамковен договор, потпишан во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија. Овој договор воведе вработување по етнички клуч во јавната администрација, со цел да се обезбеди рамноправност меѓу етничките заедници.