„Во овој момент разговараме со стопанските комори во кои гранки евентуално би увезле работна сила. Најзагрозени се градежништво, без разлика дали станува збор за нискоградба или високоградба, и секторот хотелиерство и туризам, што е очигледно затоа што тоа се сезонски работници кои одат во други земји во блиското соседство – Хрватска, Словенија и други земји на ЕУ и се отвора една сериозна потреба за луѓе кои би служеле во тој сектор затоа што секако платите се конкурентни, но не се толку конкурентни колку што се во земјите членки на ЕУ“, вели вицепремиерот за економски прашања Битиќи, објави 360 степени.
На Македонија сега засега ѝ недостасуваат 10 000 работници годишно, а најзагрозени сектори со недостиг на работна сила се градежништвото, хотелиерството и туризмот, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Овој проблем со недостиг на работна сила во земјава, кој во најголем дел се должи на масовната миграција на населението во потрага по подобри услови и плати, најчесто во земјите членки на Европската Унија, Владата планира да го решава на два начина: преку квалификација и доквалификација на домашниот потенцијал и преку увоз на работна сила од странство.
Од каде, колку и како, засега сè уште не е дефинирано бидејќи, како што вели вицепремиерот Битиќи, станува збор за стар проблем за кој сега само отворено се дискутира и се бараат решенија бидејќи сè поголем е бројот на компании во земјава кои пријавуваат дека не можат да најдат соодветна работна сила.
Според Битиќи, примарно е работната сила да се обезбеди од домашниот пазар на труд.
„Работната сила е потребно примарно да се осигури од домашниот пазар, односно од нашите сограѓани кои се невработени да се приспособат за да одговорат на потребите на пазарот на труд. Тоа што во овој момент и за жал долги години наназад не е правено, а тоа се вештините и знаењата на тие кои се навработени да не одговараат на потребите на пазарот на труд. И, секако, стопанството има потреба да го надополни недостигот на работна сила. Фактот е дека секој ден имаме сè повеќе и повеќе компании кои укажуваат дека многу тешко наоѓаат работна сила од тоа што го има на располагање во Агенцијата за вработување и од тие што не се пријавени во Агенцијата“, изјави Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со бизнис-делегација на Источниот комитет на Германското стопанство.
Затоа Владата, вели вицепремиерот, преку оперативниот план за вработување работи на различни форми на квалификација и доквалификација за да го подготви домашниот работен потенцијал за пазарот на труд.
Но, додека тоа да се случи, има потреба од увоз на работна сила, затоа што, како што потенцира вицепремиерот, миграцијата е очигледна не само во Северна Македонија, туку и во сите земји од Западен Балкан.
„Во овој момент разговараме со стопанските комори во кои гранки евентуално би увезле работна сила. Најзагрозени се, да ги кажам градежништво, без разлика дали станува збор за нискоградба или високоградба, и секторот хотелиерство и туризам, што е очигледно затоа што тоа се сезонски работници кои одат во други земји во блиското соседство – Хрватска, Словенија и други земји на ЕУ и се отвора една сериозна потреба за луѓе кои би служеле во тој сектор затоа што секако платите се конкуренти, но не се толку конкуренти колку што се во земјите членки на ЕУ. И тоа е нормален процес, затоа велам, сме го имале сега само отворено го дискутираме“, вели Битиќи.
На прашање од каде ќе бидат надоместени, односно увезени работници, вицепремиерот вели дека засега тоа не е дефинирано, но имајќи ги предвид договорите од иницијативите „Отворен Балкан“ и „Берлинскиот процес“, најпрво би требало да биде опфатен регионот, а потоа – „оставаме отворено“.
„Нема дефинирано од каде, нема дефинирано квоти, отвораме дискусија, но сметаме дека тоа е актуелен проблем. Граѓаните сакаат подобри услуги и подобри патишта кои треба да се изградат“, посочи вицепремиерот за економски прашања.
Лидерите на Западен Балкан потпишаа договори: Ќе се патува со лична карта и ќе има поголема мобилност на студенти, истражувачи и професори
Прашан дали отворањето на дискусијата за увоз на работна сила во извесна смила е со цел да се мотивираат нашите граѓани да конкурираат на пазарот на труд , Битиќи вели дека не станува збор за мотив, туку за конкуренција.
„Не, не е мотив, јас само знам дека конкурентноста секогаш е здрава и дека ние мораме да сфатиме дека нашата економија се развивала на начин како што се развивала до сега со стапки кои ако лично ме прашате не се задоволителни, но за да се развиваме со многу подобри стапки на развој нам ни треба поконкурентна работна сила на пазарот на труд“, изјави тој.
Според Битиќи станува збор за природен циклус на движење на работна сила, главно диктиран од висината на платите.
„Просечната плата кај нас достигна 550 евра, платата каде што одат (нашите работници) да работат е 1 100 евра, а земјите од каде што најверојатно ќе доаѓаат работници во рударството, па и во градежништвото е просечни 200 евра. Тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, посочи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.