Автори на учебникот се: Кеснофон Угриновски и Трајан Крстевски, а рецензенти Илија Ацевски, Момир Стаменковиќ и Зоран Петрушевски и Министерството за образование и наука кое донело решение со кое се одобрува употребата на учебникот.
Како што информира Коалиција „Маргини“, во Мислењето на КСЗД е наведено дека „учебникот како целина врши вознемирување кон ЛГБТИ-луѓето, сиромашните, сексуалните работници и самохраните мајки“.
– Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување што е потежок облик на дискриминација, навдува „Маргини“.
Оттаму информираат дека Комисијата препорачала најдоцна шест месеци МОН да го повлече од употреба учебникот и во иднина да не одобрува употреба учебници со содржини што вознемируваат.
-Авторите најдоцна во рок од шест месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот така што ќе ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз секоја од погоре наведените основи и рецензентите во иднина да не одобруваат употреба на учебници чијашто содржина врши вознемирување врз дадените основи согласно ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори, информира „Маргини“ за препораките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во соопштението „Маргини“ посочува спорни делови од учебникот поради кои пријавиле во Комисијата: за самохраните мајки се зборува како за кориснички на социјална помош и беспомошни родители и за жените воопшто се зборува стереотипно и се опишани како „послаб пол“. Учебникот ја афирмира и машката супермација бидејќи во него нема ниту една слика на која е претставена единствено жена.
Во поглавјето посветено на сиромаштијата, посочува „Маргини“, се изнесуваат застарени и одамна отфрлени теории за сиромаштијата, кои ги дехуманизираат сиромашните луѓе, генерираат омраза, предрасуди и неразбирање на нивните социјални проблеми. Авторите ја прикажуваат сиромаштијата како нужност поради распределба на работни позиции, па според нив функцијата на сиромаштија е да обезбеди некој да ги работи „најнечесните и најопасните работи“.
Во учебникот сексуалната работа е изедначена со криминал, а сексуалните работници се ословени како „проститутки“. Ваквото нивно претставување, се наведува во соопштението на „Маргини“, е „вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни, што претставува вознемирување врз основа на припадност на маргинализирана група и социјално потекло“.
Трансродовите лица се дефинирани како „ни мажи ни жени“, како „мажи заробени во женски тела“ или „жените кои се заробени во машки тела [и кои] ја прифатиле родовата улога определена за мажите, но се чувствуваат како жени“ што, наведува „Маргини“, е сосема погрешно сфаќање на трансродовото искуство.
-Во учебникот се истакнуваат повеќе неточни тврдења кои ги афирмираат стереотипите за трансродовоста и претставуваат вознемирување врз основа на родов идентитет. Генералниот впечаток е дека учебникот перпетуира хомофобија и трансфобија, а учениците од него се стекнуваат со погрешни информации за ЛГБТИ-луѓето, се вели, меѓу другото, во Мислењето на КСЗД.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како што информира коалицијата „Маргини“, ќе го следи извршувањето на препораките и на Мислењето сè до нивно исполнување.
-Доколку субјектите не постапат по Мислењето, Комисијата има законска надлежност да поднесе Барање за покренување прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно Член 27, став 4 од ЗСЗД, се додава во соопштението на коалиција „Маргини“ која ја поднесе претставката за учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование.