Коалиција „Менуваме“ бара лицата со попреченост да бидат дефинирани во Уставот, а истата ги поздравува предлог законските измени на владината коалиција и партијата Левица до Собранието, со кои ќе се овозможи лицата со попреченост да не плаќаат партиципација при користење на здравствени услуги, додатокот за попреченост да се зголеми за 78 проценти и бројот на часови со образовните асистенти да се покачи од 80 на 160 месечно, но исто така, бараат лицата со попреченост да бидат дефинирани во Уставот на државата, објави 24инфо.
Претставникот на коалиција „Менуваме“, Суаред Алишан на денешната прес – конференција пред Собранието, порача дека по 31 година чувствува поддршка за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост, но дека борбата продолжува, посочувајќи дека во државата има Координативното тело за застапување на правата на лицата со хендикеп, кое ниту еднаш не доставило предлог закони за подобрување на животот на лицата со попреченост.
– Нашата борба продолжува, бидејќи во тоа Координативно тело се случува една неправда, каде што 46 милиони евра сакаат да се инкасираат само во обуки, а не во потребите на лицата со попреченост. Затоа сакаме да се делегитимира тоа Координативно тело, да го водат лица со попречености, а тие парични средства да се употребат онаму, каде што навистина им требаат на луѓето, изјави Алишан.
Од Коалицијата „Менуваме“, исто така, посочуваат дека не ја прифаќаат Националната стратегија за правата на лицата со попреченост и дека не се контактирани како Невладина организација.
– Во Стратегијата стои дека 600 000 денари ќе бидат одвоени за описменување на медиумите како да ги користите вие термините лица со попреченост и т.н. Друг момент, Претседателот на државата ќе добие награда од 400 000 денари за тоа што ќе не претставува нас лицата со попреченост во медиумите. Друг момент е 800 000 илјади денари ќе се одвојат за пишување на нов закон, иако има веќе постоечки, појасни Алишан.
Нашите конкретни барања, нагласи Алишан, се лицата со попреченост да бидат дефинирани во Уставот на државата.
– Ние кога ќе влеземе во Уставот како лица со попречености сите права ќе ги имаме, како што е во секоја земја. Нема да дозволиме да се трошат пари на стратегии, а немаме центри за лицата со попреченост. Немаме лекови, а ќе трошиме 46 милиони евра по хотели на обуки, нагласи Алишан, од коалицијата „Менуваме“.
Алишан, исто така, нагласи дека денеска Коалицијата писмено се обратила до германската организација ГИЗ, која работела на ова.
Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ, посочи дека заедно со колегите од мнозинството заедно го поднеле Предлог законот за изменување на Законот за здравствено осигурување со којшто лицата со попреченост се ослободуваат од целосна партиципација при користењето на здравствените услуги во нашето здравство.
-Морам да кажам дека е во координација со Министерството за труд и социјална политика и Фондот за здравствено осигурување затоа што пари од некаде мора да се обезбедат, изјави Коциќ, изразувајќи надеж дека ќе имаат поддршка од сите колеги во Собранието.
Следниот чекор, посочи Коциќ, е Стратегијата за лицата со попреченост во чиј склоп стои акциски план 2023-2026 година.
– Мислам дека придобивките за сите лица ќе бидат големи, затоа што овој Акциски план се прави во соработка со сите Здруженија кои работат во обласната проблематика и ние како пратеници целосно ќе застанеме во поддршка на оваа Стратегија и Акциски план, затоа што е во интерес на подобрување на условите на живот на лицата со поопреченост, изјави Коциќ.
Во моментов, посочи Коциќ, е нацрт – верзија која треба да помине во Влада, па да дојде во Собрание.