Простор за поддршка, социјализација и физички активности
Кочани наскоро ќе добие специјализиран Центар за услуги и простор за млади, каде што ќе можат да се реализираат различни друштвени, физички и креативни активности. Проектот е дел од системскиот одговор по трагедијата што го погоди градот, а иницијативата беше објавена денеска од новиот министер за здравство, Азир Алиу, на брифинг со новинарите.
– „Ќе отвориме Центар за услуги и простор за младите од Кочани, кој ќе ги одразува нивните реални потреби. Работната група што ќе го води проектот ќе биде составена од домашни и странски експерти, а ние ќе го координираме целиот процес“, изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека целта е да се создаде место каде младите ќе се социјализираат, вежбаат и мотивираат за сопствени иницијативи. Целта е подобрување на заедницата, вклучително и во областа на здравството.
Алиу: „Министерството ќе биде отворено за соработка, но експертите ќе го дефинираат процесот“
– „Министерството за здравство ќе соработува со сите институции и организации, но ќе инсистира процесите да бидат јасно дефинирани од експерти“, истакна Алиу.
Тој додаде дека постојат и краткорочни и долгорочни планови за Кочани, но и за останатиот дел од државата. Центарот, според најавите, ќе биде прв од ваков тип, а подоцна ќе се размислува и за централизирање на такви услуги на национално ниво.
Новитети во здравствениот систем: акциски план во 5 столба
Алиу претстави и поширок план за реформа на здравствениот систем, структуриран во 5 столба со акциски план поделен на краткорочни, едногодишни и тригодишни цели. Формирани се работни групи со минимум по 10 члена, кои ќе работат на тековните и итни предизвици.
Дополнително, ќе се создадат специјализирани тимови за менаџирање кризни ситуации, со транспарентен и брз одговор.
– „Ако има потреба, ќе стане и во 3 часот наутро. Секој одговорен мора да знае дека ќе се бара посветеност без компромиси“, нагласи министерот.
Операционата сала во Кочани наскоро во функција
Министерот потврди и дека операционата сала во Кочанската болница ќе биде функционална во најкус можен рок.
– „Се работи со експертски тим на терен. Кочани е приоритет, но итно ќе делуваме и во другите здравствени установи. Новите вработувања во здравството се клучен приоритет“, подвлече Алиу.