Компанијата „Мета“ на Марк Закерберг најави отпуштање на уште 10.000 работници и мерка за замрзнување на вработувањата, јавува Гардијан. Реструктуирањето предвидува затворање на отворените огласи за 5.000 непополнети работни места во компанијата, а ваквата одлука доаѓа само шест месеци откако „Мета“ веќе објави дека ќе крати 11.000 вработувања.
Бројката на вработени во „Мета“ го достигна својот врв во 2022 година, кога имаше 87.000 вработени на глобално ниво, при што значителен дел од тие вработувања се случија на почетокот од ковид пандемијата.
„Ова ќе биде тешко и нема начин да се заобиколи тоа“, напиша Закерберг во блог-пост.
Тој најави дека во текот на следните неколку месеци раководителите ќе објават планови за реструктуирање, откажување на проекти со пониски приоритети и намалување на стапките за вработувања.
Реструктуирањето и отпуштањата во технолошките групи на „Мета“ се очекуваат кон крајот на април, а во деловните групи на компанијата кон крајот на мај.
„Луѓето ќе бидат попродуктивни, а нивната работа ќе биде позабавна и поисполнета. Ќе станеме уште поголем магнет за најталентираните луѓе. Затоа, во нашата ‘Година на ефикасност’, ние сме фокусирани на откажување на проекти кои се дупликати или од понизок приоритет“, напиша Закерберг.
Закерберг, исто така, навестува пресврт во потезите на компанијата да промовира своите луѓе да работат од каде сакаат.
„Нашата рана анализа на податоците за перформансите сугерира дека инженерите кои првично се приклучиле на „Мета“ да работат од канцеларија, а потоа се префрлиле на работа од далечина или продолжиле да работат од канцеларија, во просек имале подобри резултати од луѓето кои се приклучиле на работа од далечина“, посочи тој.
Акциите на компанијата „Мета“ драстично пораснаа по веста за отпуштањата, зголемувајќи се за 5,82 отсто и покрај турбуленциите поврзани со колапсот на три банки во текот на минатата недела.
Повеќе од 100.000 технолошки работници се отпуштени во првите три месеци од 2023 година, според извештајот што го објави „Техкранч“, вклучувајќи 12.000 во „Алфабет“ како матична компанија на „Гугл“, 2.000 во „Пејпал“, 18.000 во „Амазон“ и 10.000 во „Мајкрософт“. „Твитер“, исто така, отпушти илјадници вработени, по октомвриското купување на компанијата од страна на Илон Маск.