Во средни училишта во земјава, на учениците им биле барани пари за свидетелства, реагираат од Сојузот на средношколци.
Според нив проблемот од крајот на минатата учебна година, продолжува и оваа и претставува грубо прекршување на Законот за средно образование, според кој, образованието во јавните средни училишта е бесплатно.
– Сојузот бил информиран за ова од средношколци, а информациите му биле потврдени и од мрежата на активисти во тие градови. Сојузот посочува дека средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Исто така, и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ им наплаќа на своите ученици 100 денари за свидетелство, наведува Сојузот, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик, реагираат од Сојузот на средношколци.
Барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование. Ваквиот начин е спротивни на ставот 2, член 3 од Законот за средно образование, кој гласи:
-„Средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“.
Во Законот никаде не се спомнуваат вакви такси. Главниот проблем е во тоа што земањето на свидетелствотото не е опционална одлука. Свидетелството е задолжителен документ и е доказ за успешно завршена учебна година.
-Учениците се лишени од избор – тие мора да платат доколку сакаат да ја завршат учебната година, соопшти Сојузот на средношколци кој најави дека за ова ќе го информира со извештај Државниот просветен инспекторат.
Од Министерството за образование и наука велат дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците , зашто е спротивно на Уставот и на законите за основно и средно образование и дека тие биле писмено известени за тоа, пред крајот на школската година.
-МОН потсетува дека, согласно Уставот на Република Македонија како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 161/19 и 229/20), со кои секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование, се вели во реакцијата на МОН.
Станува збор за изолирани случаи во неколку училишта , за што ќе постапи Државниот просветен инспекторат, дополнуваат од МОН.