Политичката ситуација во Србија стана тема и во Виена, каде што комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, предупреди на последните случувања во Белград. Таа изјави дека насилството и вандализмот мора веднаш да прекинат, додавајќи дека од полицијата се очекува одговор во согласност со основните права.
„Имаме проблем во Белград. Очекуваме полицијата да дејствува соодветно и да ги почитува основните права“, рече Кос по средбата со австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер.
Комесарката реагираше и на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, кои упатија навреди кон европратеници. „Ако ги наречете членовите на Европскиот парламент олоши, тоа покажува сомнително разбирање на демократијата“, рече таа во видео објавено на „Икс“.
Кос истакна дека ваквиот однос нема да ја подобри сликата за Србија во ЕУ и порача дека приоритет треба да бидат реформите за приближување кон членството. „Изградете независно судство, кое ефикасно ќе се бори против корупцијата. Ослободете ги медиумите и осигурајте се дека тие известуваат независно. Спроведете изборни реформи што ќе обезбедат дека само волјата на граѓаните на Србија одлучува за мнозинството во парламентот“, нагласи таа.
Според Кос, овие чекори претставуваат можен излез од кризата. Таа потсети дека демократијата и владеењето на правото се основни барања за секоја држава што сака да стане членка на Европската Унија.