Ќе успее ли Левица да ги ускрати привилегиите на фукнционерите кои по заминување од функцијата уште живеат врз грбот на граѓаните?! Гласноговорникот за правата на работничката класа, пратеникот Борислав Крмов од Левица вели дека засега се што слуша од неговите колеги пратеници во Собранието за апанажата е “молк“ кој јасно покажува дека постои своевиден консензус околу привилегиите кои треба да ги ужива политичката класа.
Левица го поддржува Предлогот на Законот за изменување на Законот за Влада, кој предвидува уникување на т.н Пржинска Влада, која како што вели Крмов е неуставна категорија и е целосно неефикасна и нефункционална.
Силна поддршка од Левица има и за измените на Изборниот Законик за воведување на една изборна едница, со што помалите партии би се охрабриле да настапуваат сами и моделот на широки коалиции и „пајтон партии“ постепено би се изгубил.

Лидер: Вашиот предлог Закон за плати и надоместоци на пратениците и други избрани и именувани лица не беше ставен на дневен ред на пленарната седница со образложение дека не е преведен. Левица и во мај 2021 поднесе предлог измени на законт за апанажа кој не го виде светлото на собранска сединца. На кого не му одговара овој предлог на Закон, со оглед дека освен вас како Левица никој од политичките партии не зборува гласно за или против апанажата?

-Важечкото законодавство нееднакво ги третира граѓаните и дополнително врши сегрегација по однос на социјална и општествена положба. За еден обичен работник да земе било каков надоместок после престанување на неговиот работен однос, треба да исполни долга листа на таксативно наведени услови и неговиот надоместок е ограничен на максимални 50% од платата која ја земал. За илустрација, работник да прима надоместок по основ на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од дури 25 години! Работниот однос не смее да биде прекинат со отказ од страна на работникот, не смее да биде прекинат спогодбено, не смее да биде прекинат со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работниот ред и дисциплина итн. Додека, за функционерите практично не постојат никакви услови и со најобично почитување на рокот за пријавување на барањето за „апанажа“, тие со само 2 години работен стаж имаат право на една година паричен надоместок во износ од 100% од платата која претходно ја земале. На овој начин грубо се крши член 9 од Уставот на Република Македонија, кој забранува секаков вид на дискриминација, односно во конкретниов случај дискриминација врз класно/социјално потекло и имотна и општествена положба.

Молчењето на сите партии околу предлогот на Левица за укинување на „апанажата“, јасно покажува дека постои своевиден консензус во политичкиот естаблишмент околу привилегиите кои треба да ги ужива политичката класа. Левица како партија останува сама надвор од овој „консензус“ и е единствената партија која ги застапува интересите на мнозинството граѓани, наспроти интересите на богатите и моќните.

 

Лидер: Не сте потпишани за Предлогот на Законот за изменување на Законот за Влада поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Дали поддржувате укинување на т.н. Пржинска Влада и дали сметате дека 100 дена власт на технички министер е само изборна пропаганда?

 

-Моделот на преодна или т.н. пржинска Влада е неуставен. Никаде во Уставот не постои категорија на „преодна Влада“ потребна за организирање на избори. Овој модел требаше да биде своевидно решение за политичката криза од тој период и за еднократна употреба, но за жал и после изборите 2016 продолжи да се применува. Пржинската Влада освен што е неуставна и е целосно неефикасна и нефункционална.

За жал, во Република Македонија почитувањето на законите и Уставот се второстепена категорија. Имаме воведено практика на постојано изнаоѓање на експериментални решенија надвор од Уставот и законите, врз основа на меѓупартиски договори, надворешни притисоци и странско присуство преку грубо мешање во внатрешните работи на државата. Ваквите неуставни и незаконски практики на кои припаѓа и „договорот од Пржино“, се третираат како да имаат тежина и сила на уставни норми.

Затоа Левица целосно се залага не само за укинување на т.н. пржинска Влада, туку и за напуштање на сите останати неуставни и незаконски практики, кои мора да заминат во историјата ако сакаме да изградиме стабилна држава и институции.

Лидер: Ставот на Левица за една изборна единица? Што реално би се променило со една изборна единица?

Изборен модел кој најмногу ја изразува волјата на народот т.е најрепрезентативен изборен модел е пропорционален изборен модел со една изборна единица, без праг. Со сегашниот изборен модел од 6 изборни единици, имаме ситуација кога партии и со освоени над 20.000 гласа не биле застапени во Собранието поради вештачката расцепканоста на нивното гласачко тело. Секоја од изборните единици има своја излезност и тоа дополнително ја комплицира ситуацијата, па имаме случаи каде за еден мандат во една изборна единица се потребни околу 10.000 гласа, а во друга околу 5.500. На тој начин се врши груба дискриминација и нееднаков третман на гласот на граѓанинот, каде еден глас вреди скоро два пати повеќе од друг.

Друг проблем е што за помалите партии е скоро невозможно да ги сконцентрираат своите гласови во една од шесте изборни единици и или остануваат непреставени (ако се одлучат да настапат на изборите сами), или се приморани да се прилепат до големите партии и на тој начин се создаде феноменот на ткн. пајтон партии, каде големите партии имаат предизборни коалиции кои некогаш бројат и над 20 помали политички партнери, без идеолошка рамка, поврзани само преку нивните материјални интереси. Со воведувањето на една изборна единица, помалите партии би се охрабриле да настапуваат сами и моделот на широки коалиции и „пајтон партии“ постепено би се изгубил.

Левица како партија е еден од најоштетените политички субјекти од постоечкиот изборен модел, бидејќи на последните парламентарни избори со освоените 37.426 гласа освои само 2 мандати, додека ако изборите беа организирани со една изборна единица бројот на освоени мандати ќе беше дури 5! Исто така имавме ситуација каде политичка партија со приближно два пати повеќе гласови од Левица имаше непропорционално дури 6 пати повеќе мандати во Собранието.

Сето ова јасно ги покажува слабостите на постоечкиот изборен модел, неговата шизофреност и недемократичност и во држава каде постои огромна поддршка за една изборна единица е недозволиво сегашниот модел сеуште да егзистира, вели Крмов за Лидер.