Кумановци вчера му оддадоа почит на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош, во Куќата-музеј која го носи неговото име. Настанот беше организиран од Националната установа Музеј Куманово, во соработка со Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичката војна (1941-1945). Целта беше потсетување на неговата борба за слобода и независност.
Во рамки на манифестацијата, беше одбележана 81-годишнината од загинувањето на Карпош. Присутните положија свежо цвеќе и ја посетија музејската поставка во неговата спомен-куќа.
Историски осврт кон ликот и делото на Христијан Тодоровски-Карпош
-
„Денеска одбележуваме 81 година од смртта на нашиот народен херој Христијан Тодоровски – Карпош, кој го даде својот живот за слободата на Македонија. Тој беше еден од осумте народни херои на Куманово, првоборец во Козјачкиот партизански одред, командант на баталјонот „Јордан Николов Орце“ и лидер на многу значајни битки. Загинува на денешен ден, 1944 година, во Биљача, Прешевско“, изјави Марија Живачки, директорка и историчар во НУ Музеј Куманово.
На настанот зборуваше и Зора Ивановска, која порача дека делото на Карпош не смее да биде заборавено, а учениците прочитаа творби посветени на неговиот живот и подвиг.
Историјата на Куќата-музеј и нејзиното значење
Куќата-музеј на Христијан Тодоровски – Карпош беше отворена на 4 јули 1979 година. Во 2021 година беше целосно реновирана со средства од Министерството за култура. Во рамките на обновата, музејската поставка беше надополнета со нови историски експонати, документи и лични предмети, кои го отсликуваат неговиот живот и борба.
-
„Куќата на Карпош е споменик на културата, кој ја чува историјата на овој херој. Во 2021 година беше реконструирана и збогатена со нова поставка, која е достапна за јавноста секој работен ден. Посетителите можат да се најават за водич низ изложбата, со што ќе добијат подетален увид во животот и делото на Карпош“, додаде Живачки.
Карпош – еден од осумте народни херои на Куманово
Христијан Тодоровски – Карпош бил прогласен за народен херој на 29 јули 1945 година, како признание за неговата храброст и придонес во Народноослободителната борба.
Настанот уште еднаш ја нагласи важноста на зачувување на историското паметење и пренесување на антифашистичките вредности на идните генерации.