Москва е „подготвена“ да ја гарантира безбедноста на бродовите со жито што ги напуштаат украинските пристаништа, во соработка со Турција, изјави денеска во Анкара рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Подготвени сме да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа … во соработка со нашите турски колеги, рече Лавров на заедничката прес-конференција со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу.
Лавров синоќа пристигна во Анкара на разговори за воспоставување безбедносни коридори за олеснување на извозот на жито во Црното Море.
На барање на Обединетите нации, Турција ја понуди својата помош за придружба на конвои од украинските пристаништа и покрај опасноста од мини поставени во областа поради руската инвазија врз Украина.
Чавушоглу рече дека планот на ОН е „разумен и остварлив“ и оти „Украина и Русија треба да го прифатат“.
Украина е четвртиот најголем извозник на пченка во светот и пред војната беше на пат да стане трет најголем извозник. Поради војната што почна на 24 февруари, цените на житото скокнаа и се закануваат да предизвикаат глад во земјите кои зависат од таа храна, особено во Африка и Блискиот Исток.
Чавушоглу оцени и дека укинувањето на санкциите поврзани со рускиот извоз на земјоделски и некои други производи е „легитимно“.
– Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат препреките за рускиот извоз, рече Чавушоглу. Тој конкретно го наведе извозот на руски „житарки и ѓубрива“, кој не беше засегнат од санкциите на Западот против Москва, но е спречен поради суспензијата на банкарските и финансиските трансакции со Русија.
Непосредно пред војната, Киев извезуваше 12 отсто жито, 15 отсто пченка и 50 отсто сончогледово масло во светот на месечно ниво.
– Во моментов имаме блокирани меѓу 20 и 25 милиони тони. Наесен тоа може да достигне меѓу 70 и 75 милиони тони, предупреди претходно денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што пренесе агенцијата Анадолија, една од темите на разговорот со Лавров била и ситуацијата на северот на Сирија, односно терористичката закана од тој дел на Сирија.
– Терористичките организации кои се закана за територијалниот интегритет на Сирија и стануваат сè поголема закана за нас, мора да бидат расчистени од оваа земја, рече Чавушоглу.