Лекувањето на повредените од пожарот во Кочани
Лекувањето на повредените од пожарот во Кочани продолжува во две насоки: дел од пациентите се враќаат од странство, додека други се пуштаат од домашните болници. Според министерот за здравство Арбен Таравари, на скопските клиники ќе останат 14 пациенти . Во моментов, на лекување во странство има 91 пациент.
Во исто време, осум пациенти се пуштени на домашно закрепнување, а девет се вратени од странски медицински установи. Од нив, тројца пристигнале од Унгарија, двајца од Италија, а по еден од Грција, Србија и Шведска.
Согласно протоколите на Кризниот штаб, враќањето од странство се одвива контролирано. Пациентите кои се враќаат остануваат на болничко набљудување најмалку 24 часа, пред да бидат испратени дома.
„Пациентите кои вчера пристигнаа се хоспитализирани на скопските клиники за дополнителни испитувања. Една пациентка од Бугарија веќе е сместена во хотел и оди само на амбулантски прегледи“, рече Таравари.
Министерот најави и нови пристигнувања: денеска треба да се вратат уште двајца – по еден од Литванија и Шведска.
„Иако четворица пациенти сè уште се водат како тешки случаи, веќе добиваме позитивни информации за подобрување на нивната состојба. Некои лабораториски параметри покажуваат напредок, и оптимисти сме дека ќе се избегнат компликации“, изјави Таравари.
Во моментов, шест пациенти се на Клиниката за токсикологија, шест во старата Градска болница, пет во ГОБ „8 Септември“, двајца на пластична хирургија и тројца во приватната болница „Систина“.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, појасни дека сите пациенти се враќаат од лекување во странство и се во стабилна состојба.
„Кај сите шест пациенти токсиколошките анализи се во референтни граници. Клиничките параметри се стабилни. Тројца имаат инхалаторни повреди, а кај останатите има и изгореници. Сите се третирани од токсиколог, анестезиолог и психијатар. Ќе бидат пуштени дома со јасни препораки, а дел од нив ќе доаѓаат на контроли во наредните денови“, истакна Чибишев.
„Ќе повторам: лекувањето на повредените од пожарот во Кочани е целосно бесплатно. За секој пациент се покриени сите трошоци, како и авионски билети и сместување за двајца членови од семејствата. Владата покрива транспорт во двата правци. Деведесет и девет проценти од трошоците ги презедоа странските држави кои помогнаа, а мал дел ќе го покрие Фондот за здравство“, нагласи Таравари.
Иако во моментот постои страница за Центар за изгореници на веб-страницата на Клиниката „Св. Наум Охридски“, таа единица не функционира уште од 2016 година. Претходно, такви центри постоеле во Воената болница и во старата Градска болница, но со текот на времето биле затворени или излезени од функција.
„Разговаравме со директорот на ГОБ ‘8 Септември’ да се пренамени поранешниот ковид-центар во Центар за изгореници, но ќе бидат потребни нови човечки ресурси. Идеален здравствен систем не постои, но верувам дека успеавме добро да ја менаџираме кризата. Важно е да се нагласи дека 11 дена по трагедијата немаме ниту еден нов починат пациент“, подвлече министерот.