Цената на лебот во маркетите се движи од 50 до 95 денари зависно дали е обичен, бел или интегрален леб. Некои од домаќинките веќе размислуваат да месат леб, но и брашното е околу 50 денари, а ако на тоа се додаде дека треба да потроши и струја, велат ни таа варијанта не се исплаќа. Дури и четврт бурек стигна до 75 денари. Ова се цените што ги затекнавме утрово од нашата обиколка во поголемите маркети низ градот, анализира ТВ 21
Според економистот Бранимир Јовановиќ треба да има контрола на цената и да се врати замрзнувањето на цените. Со тоа се спречува ескалирањето на инфлацијата и директно им се помага на луѓето.
„Секогаш е подобро да ги контролираш цените отколку да им даваш субвенции или поддршка на луѓето за да купат поскап леб, бидејќи со контрола на цената се спречува инфлацијата да ескалира“, вели Бранимир Јовановиќ.
„Лебот во потрошувачката кошничка во Македонија зазема доста голем простор и ако се зголеми цената на лебот тоа прави висока стапка на инфлација, а второ што лебот е инпут за сите други цени на сите други производи, па ако поскапе лебот ќе поскапе се друго“, објаснува Јовановиќ.
„Со тоа што ја контролирате цената на лебот ги помагате сите оние кои трошат на леб. А ако идете со давање на пари не можете да им дадете пари на сите. Питачите на пример ги нема во системот на социјална заштита не можете да им дадете пари, а нив најмногу им треба леб“, вели Бранимир Јовановиќ.
Споредено со земјите од регионот во Македонија лебот е најскап и се приближува до цената на лебот во европските земји.
Србија 29 денари (цената е замрзната)
Косово 0.50 центи (30 денари)
Грција 0.83 центи (51 денар)
Германија 1.23 евра (75 денари)
Франција 1.53 евра (94 денари)
Засега нема одговор од Министерството за економија, дали планираат замрзнување на цената на лебот или ќе продолжи трендот на поскапување.
Во меѓувреме во тек е и жетвата на лебното зрно, за кое пак земјоделците се жалат дека е откупната цена е ниска, а доколку среде откуп сакаат да се зголеми цената на лебот, ќе бараат повисоки цени и за пченицата.