Францускиот претседател Емануел Макрон сака контроверзната пензиска реформа да стапи на сила до крајот на годината. Според анкетите во Франција и до 70 отсто од луѓето ја одбиваат таа реформа, пишува Дојче веле.

Рејтингот на политиката на претседателот е најнизок во последните години – ја одобруваат само 28 отсто од гласачите. Тоа, меѓутоа, не го импресионира премногу претседателот во неговиот втор мандат.

„Не можам да бидам повторно избран. Не гледам во рејтинзите, го правам она што ѝ е потребно на земјата“, кажа Макрон во интервју кое во средата беше емитувано во живо од Елисејската палата. Протуркување на зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија на 64 години против волјата на повеќето Французи? „Не ми беше забавно, но мораше да се направи“, кажа претседателот.

„Не се каам“

Контроверзната пензиска реформа, симболот на социјалната држава, владата на Макрон ја протурка низ парламентот без формално гласање. Владата потоа едвај, со тесно мнозинство, ги преживеа двете гласања за недоверба. Во многу градови во Франција сè уште траат насилни протести и штрајкови против реформата и претседателот.

„Мислам дека е штета што не успеавме сите да ги убедиме. Не сум среќен поради тоа, но не се каам“, кажа Макрон, одговарајќи на прашањето на новинарот. „Стојам зад нашиот пристап. Го правам она што треба да се направи“, кажа тој. А можел, како што кажа, да се однесува како неговите претходници, да ги одложи реформите и едноставно да ги турне проблемите под тепих.

Макрон го критикува насилството на демонстрациите

Синдикатите за денес, 23 март, повикаа на штрајк и протести низ земјата, бидејќи сметаат дека „социјалната демократија“ е во опасност. Претседателот изрази разбирање за протестите и гневот на многу луѓе. Користењето на правото на демонстрации смета дека е легитимно.

„Ќе ги сослушаме и ќе продолжиме да одиме напред, но никогаш нема да потклекнеме пред насилство“, кажа Макрон, мислејќи на насилните, ноќни немири и палењето контејнери и возила за ѓубре, што се случуваше во изминатите денови и недели.

„Екстремното насилство не е дел од оваа република“

Од понеделникот поради немирите се приведени неколку стотици луѓе. Шефот на Француската лига за човекови права Патрик Бодуен на ТВ Франс инфо ја критикуваше „загрижувачката ситуација на демократијата“ и сè поголемото полициско насилство.

Портпаролот на париската полиција ги отфрли обвинувањата дека имало апсења по случаен избор. За денес е планирано ангажирање 5.000 полициски сили кои ќе ги следат протестите на синдикатите. Ќе ги има 12.000 низ земјата.

Што е следно?

Емануел Макрон од Елисејската палата ги повика социјалните партнери, синдикатите и бизнис здруженијата на разговори за понатамошни реформи, поголеми минимални плати, намалување на невработеноста, зголемување на бројот на работни места во индустријата и решавање на социјалните проблеми.

Претседателот најави и нов данок на дополнителен профит во индустријата. Вети дека ќе обезбеди повеќе правда на пазарот на труд и здравствено безбедни услови за работа за постарите работници. Дијалогот со синдикатите, кажа, би требало да почне во „следните недели“.

Воедно, истакнува, нема планови за поништување на пензиската реформа, реконструкција на владата, распуштање на Народното собрание, одржување нови избори или одржување референдум.

Макрон кажа дека ќе продолжи по старо бидејќи „треба да се признае реалноста“. Франција повеќе не може да си го дозволи постоечкиот пензиски систем. Алтернатива за кревањето на границата за заминување во пензија би биле поголемите пензиски придонеси, пониски пензии или дури поголеми даноци.

„Дали тоа го сакате?“, реторички праша Макрон. „Луѓето не сакаат да ја слушнат вистината“.

Левичарската опозиција предложи поголемо државно задолжување. Макрон и тоа – пензија на кредит – решително го одби.

Критики по интервјуто

Во прв момент е многу спорно дали синдикатите ќе ја прифатат понудата на Макрон за дијалог. Во првата реакција шефот на синдикатот ЦГТ Филип Мартинез кажа дека претседателот „ги презира илјадниците луѓе кои досега протестираа“.

Пратеничката на Зелените Сандрин Русо го критикуваше „империјалниот и арогантен“ став кој често му се припишува на Макрон. Неверојатно е тоа што францускиот претседател планира во недела да вечера со британскиот крал Чарлс Трети во Версајскиот замок, додека на улиците на Париз народот протестира.

Макрон во 2017 година беше избран во Елисејската палата како реформатор и европски иноватор. Многу луѓе во Франција сега се разочарани од неговата политика. Тој, меѓутоа, минатата година беше повторно избран. Со тоа беше спречено доаѓање на власт на десничарската популистичка политичарка Марин ле Пен.