Бриселските бирократи бадијала вршат притисок, францускиот предлог не е во духот на ЕУ, спротивен е на вредностите и целите заради кои е основана Унијата, спротивен е на Копенхашките критериуми и е едноставно неприфатлив.

Македонија нема друга опција освен да ја одбие оваа понуда, вели универзитетскиот професор д-р Самоил Малчески  кој смета дека државата но не и оваа Влада има капацитет за самостоен внатрешен развој и напредок.

Францускиот предлог не нуди никакви гаранции дека понатаму нема да има бугарски условувања, историјата станува дел од преговарачката рамка, „Македонскиот јазик (не) е чист во преговарачката рамка“, нема ниеден друг елемент на заштита на македонскиот идентитет и во суштина ние не добиваме ништо.
-Немаме датум за преговори, како и што досега немавме иако Владата неколку пати славеше дека сме го добиле. Датум за преговори има нашиот западен сосед. Ние пак остануваме извисени во чекалната доколку не ги исплниме администраторските амбиции на нашиот источен сосед-смета Малчески.

Лидер: Францускиот предлог создаде арена помеѓу тоа кој како го чита предлогот, што е гарантот а што се отстапките. Улицата тропа на Владините порти. Што добива Македонија со модифицираниот предлог а што добива македонскиот граѓанин?

– За разлика од претставниците на Владата, кои вршат квази консултации со нивните поттрчковци, кои ниту имале капацитет, ниту знаат што значи ЕУ и овие документи, јас претпочитам да ги слушам и читам луѓето кои со години важат за добри познавачи на работите и случувањата во Брисел. Еден од тие добри познавачи е и г-ѓа Малинка Ристевска Јорданова, личност која има импозантна биографи, која што сите владини поттрчковци је немаат заедно. Оттука, во една нејзина колумна таа до детали ја разобличува лагата на Владата дека успеале да добијат поповолен предлог, таа напоменува дека сме добиле три нови документи во кои има само формални промени, но не и суштествени. Во сите документи се вклучени позициите јасно искажани во декларацијата усвоена од страна на Парламентот на нашиот источен сосед.

Најпрво ова е преговарачка рамка која е специјална само за нас и за никој друг. Рамка во која за прв пат се прави преседан и се вклучуваат билатерални прашања во процесот на преговори за членство во ЕУ. Билатералните прашања не се дел од Копенхашките критериуми и тоа така треба да остане.
Според неа, во документите нема никакви гаранции дека нема да има натамошни бугарски условувања. Наспроти тоа, Бугарија со овој пакет си ги обезбеди гаранциите однапред – нејзините барања стануваат целосно дел од процесот на пристапување и добиваат легална основа во пакетот на документи на ЕУ.

Исто така, надвор од сите воспоставени процедури со ваквиот предлог историјата станува дел од преговарачката рамка со внесувањето на упатување на член 12 од Договорот за пријателство и содржината на Протоколот, кој Владата до сега не го објавила и упорно го крие. Притоа, може причината за криењето на Протоколот е тоа што Договорот со Бугарија, како што е дефинирано во него, станува клучен услов во процесот.

Потоа, „Македонскиот јазик (не) е чист во преговарачката рамка“. Во предлогот стои формулација дека во поглед на преводите на acquis на македонски јазик, ЕУ „ги зела предвид“ унилатералните декларации за македонскиот јазик. Бугарија со ова суштествено става „резерва“, на која ќе може да се повика во натамошниот тек на преговорите.

Според Малинка, во новите документи, како ни во претходните, нема ниеден друг елемент на заштита на македонскиот идентитет. Притоа, спорни се и дополнителните механизми кои ќе важат само за нас, а тоа е механизам за следење на спроведувањето на Договорот за пријателство и вградувањето на бугарските барања во кластерот Tемели.

Спред неа, ова е предлог на француското претседателство, кој се заснова на наша согласност во преговорите што сме ги воделе во Бугарија, односно на нашите досега направени отстапки кои ќе станат „свршен чин“ за другите држави членки, кои допрва треба да ги усвојат. За нив тоа ќе биде тргнување, (засега) на едно непријатно прашање од агендата. Да заклучиме, тие ќе си го решат својот проблем надвор од вредностите и целите заради кои е основана ЕУ.

За крај, ние суштински не добиваме ништо. Немаме датум за преговори, како и што досега немавме иако Владата неколку пати славеше дека сме го добиле. Датум за преговори има нашиот западен сосед. Ние пак остануваме извисени во чекалната доколку не ги исплниме администраторските амбиции на нашиот источен сосед.

Лидер: Дали надворешните светски сили ќе успеат да ја истуркаат агендата за Македонија преку актелната политичка елита во земјава?

– Македонија има свои интереси и свои цели и ние сме должни да ги браниме истите. Бадијала не заплашуваат со некакви си изолации и блокади. Тука сакам да напоменам дека ние сме активна членка на НАТО, нашите војници се меѓу најпосветените во мисиите на алијансата и тоа и ќе продолжи да биде така. Па оттука, заканите за некакви си изолации се смешни! Што се однесува до ЕУ, ние не смееме да заборавиме дека на 27 јули 1992 година тогашниот Совет на Европската заедница, чиј што наследник е Европската Унија, донесе една срамна декларација според кој се сакаше на нашата држава да ѝ биде „наложено“ прифаќање „име што не го содржи терминот Македонија.“ Тогашните Македонски политичари одолеаја на предизвиците и денес сме во многу по поволна позиција. Оттука, сакам да им порачам на Бриселските бирократи дека ваквиот предлог не е во духот на ЕУ и бадијала ни вршат притисок, ние Македонскиот народ нема да го прифатиме истиот. Нека не ги лажат Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи и останатите инволвирани во оваа лакрдија дека нивниот потпис значи нешто. Тоа е само обичен потпис на тоалет хартија!

Лидер: Какво лето и претстои на државата, со оглед на се поизвесната владина одлука и што доколку има промена на власта, кој треба да биде следен чекор на новата политичка гарнитура?

– Потекнувам од семејство кое со гордост може да каже дека нашите предци, моите дедови и прадедовци, биле активни учесници и во НОБ и во редовите на организацијата која се борела да бидеме свои на своето. Јас сум воспитуван во духот на таа борба, туѓо не сакаме, но своето не го даваме, ќе го браниме! Остануваме на улица се до конечниот пад на овој ненароден и криминоген режим, се до датум за предвремени избори кои ќе бидат нов референдум за нас!

Лидер: Што доколку Македонија ја одбие и оваа понуда од ЕУ? Дали државата има капацитет за самостоен внатрешен развој и напредок?

– Македонија нема друга опција освен да ја одбие оваа понуда. Тука уште еднаш сакам да напоменам дека ваквиот „предлог“ е спротивен на вредностите и целите заради кои е основана ЕУ, како и спротивен на Копенхашките критериуми. Државата има капацитети, но не и Владата! Оваа Влада се покажа како крајно неспособна и некадарна да направи вистински реформи. Со неа станавме лидери во светски рамки ама во криминал, корупција и афери!
Нас во овој момент итно ни требаат предвремени парламентарни избори и Влада која ќе донесе развој и просперитет! Луѓе кои пред се имаат лични успеси и кариери позади себе! Доста е од случајни луѓе кои немајќи што да работат во животот, па се занимаваат со политика и се богатат на грбот на народот.