Потврда за безрезервната определба земјава да ги спроведува стандардите на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и праксата на ЕСЧП, покрај другото, е и потпишувањето на Протоколот 16 на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со кој се уредува можноста највисоките судови од земјава, да побараат од Европскиот суд да даде советодавни мислења за принципиелни прашања во врска со толкувањето или примената на дефинираните права и слободи во Конвенцијата.
Ова, меѓудругото го порача министерот за правда Бојан Маричиќ на регионалната конференција на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“ што се одржува во Скопје, на која присуствува и претседателот на Европскиот суд за човекови права Робер Спано.
-Со судијата Спано имавме можност да се видиме за време на мојата посета на Стразбур во септември годинава. Тогаш во име на Владата на Република Северна Македонија го потпишав и Протоколот 16 на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, кој претставува еден важен документ со коj се унапредува соработката на домашните судови со Европскиот суд за човекови права. Со тоа како Влада ја потврдивме безрезервната определба да ги спроведуваме стандардите на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и праксата на Европскиот суд за човекови права. Со овој Протокол се уредува можноста највисоките судови од земјава, да побараат од Европскиот суд за човекови права да даде советодавни мислења за принципиелни прашања во врска со толкувањето или примената на дефинираните права и слободи во Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи или нејзините протоколи. Ратификација на овој протокол се надевам дека ќе се случи наскоро, рече Маричиќ.
Тој нагласи дека во однос на изготвувањето на законите, активностите на Министерството за правда се фокусирани на две нивоа: изготвување законски измени за имплементација на најновите меѓународни стандарди во казнено-правната област и следењето на примената на законите.
-Од анализите за спроведувањето на законите во оваа сфера произлегоа одредени заклучоци за слабости во спроведувањето на законските одредби поврзани со конфискацијата во кривичната постапка. Имено, праксата покажа постапување на домашните судови во одредени предмети кое не е во согласност со одредбите од Европската конвенција за човекови права. Заради ова, работната група за изготвување на Кривичниот законик посебно внимание посвети и на ова прашање и на усогласување на одредбите од Кривичниот законик со Конвенцијата, рече министерот за правда.
Според него, посебен значаен проект е изготвувањето нов Закон за утврдување на потекло на имот.
-Со тоа, во нашата држава за прв пат ќе биде воведена т.н. „конфискација“ во граѓанска постапка како исклучително ефикасен модел за справување со организираниот криминал и корупцијата. За разлика од конфискацијата во кривичната постапка, во оваа посебна граѓанска постапка, постапката не се води против лицето, туку против имотот чие потекло не може да се докаже, а сопственикот или лицето кое го владее ќе има обврска да докаже дека тој не бил предмет на противзаконски активности и дека е легално стекнат, рече Маричиќ.
Додаде дека при изготвување на законот биле земени предвид меѓународните стандарди, а особено судската пракса на Судот во Стразбур и бројните компаративни искуства од државите во кои овој институт се применува веќе подолг временски период и се покажал како исклучително успешен.
Тој информира дека во Министерството за правда интензивно се работи и на изготвување измени и дополнувања на Законот за кривичната постапка.
Целта на овие измени, рече, е да се имплементираат најновите директиви на Европската унија усвоени по донесувањето на Законот во 2010 година, како и да се отстранат лоцираните недостатоци детектирани во досегашната примена на законот.
-Токму владеењето на правото претставува суштински елемент во градењето на модерно и демократско општество. Горд сум што сум министер во Владата која за неколку години направи квантни чекори напред во однос на ослободување на судството и медиумите и создавање на услови правдата да биде испорачувани, рече Маричиќ.
Министерот нагласи и дека се работи на реформи во судството, кои треба да резултираат со креирање со ефикасен правосуден систем и колку што е можно помалку апликации од Република Северна Македонија да пристигнуваат во Стразбур.