Ескалацијата на конфликтот меѓу Русија и Украина продолжува, откако руското Министерство за одбрана објави дека извршиле масовен напад врз украински воено-индустриски објекти. Во акцијата биле таргетирани компании кои работат на развој на оперативно-тактичкиот ракетен систем „Сапсан“, како и производствени погони за повеќенаменски дронови и воена опрема.

Во соопштението од Москва се наведува дека нападите биле реализирани со комбинација на оружје со долг дострел и прецизно водење, од воздух и од земја, како и со ударни беспилотни летала.

„Сите назначени цели се погодени“, тврди руското министерство, пренесе РИА Новости.

Меѓу погодените цели се производствени линии за повеќенаменски ударни и извидувачки дронови, роботизирани борбени возила, дронови-пресретнувачи и измамничка муниција.

Украинската страна, пак, соопшти дека нападите резултирале со човечки жртви. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека во текот на ноќта Русија лансирала околу 580 дронови и 40 ракети, во чии напади загинале три лица.

„Целата ноќ беше под руски напади. Секој таков напад не е воена неопходност, туку намерна стратегија на Русија за тероризирање на цивилите и уништување на нашата инфраструктура“, рече Зеленски преку објава на Телеграм, пренесе Ројтерс.