Со Предлог-законот, како што истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, се утврдуваат границите, зоните, името, меѓутоа и клучните прашања уредени во Законот за заштита на природата, односно управувачката структура и начинот на функционирање кој ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата.

– Во креирањето на границите на националниот парк се внимаваше да се обезбеди хомогеност на зоните, да се следи теренската конфигурација и да одговара на соседните паркови во земјава и Косово. Владата во рок од три месеци од донесувањето на законот ќе треба да основа Јавна установа национален парк во која ќе се воспостави ренџерска служба со преземање на вработени од Национални шуми од Тетово и Гостивар, стручни лица кои најдобро го знаат теренот, рече Нуредини и додаде дека конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување кој се носи во рок од една година.

Министерството, додаде, веќе име обезбедено шест милиони денари за кои сметаме дека ќе се доволни за првата година од функционирањето на националниот парк.

Посочи дека пред носењето на законското решение Министерството спроведе екстензивни јавни консултации кои траеја четири месеци, а беа користени и сите алатки и методи за комуникација со цел доближување на предлогот до јавноста и засегнатите страни, а пред се локалното население.

Потсети дека ова ќе биде прво прогласување на национален парк по 1958 година и додаде дека со тоа вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто.

Според последните истражување на Македонското еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“, нагласи, околу 83 отсто од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк, што е речиси исто како и во 2016 година, а 86 отсто од испитаните очекуваат позитивни промени со прогласувањето на Шар Планина за национален парк.

Носењето на законот го поздравија пратениците од власта и опозицијата иако имаа одредени забелешки особено во делот на спречувањето на дрвокрадците, изградбата на малите хидроцентрали и неконтролираното градење.

Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека меѓу двете читања ќе консултираат експерти и ќе предложат амандмани за подобрување на текстот со цел да се подобри и да биде применлив зашто, како што рече, крајно време е да се решат проблемите со кои се соочува животната средина во земјава.

Маја Морачанин од ДОМ го поздрави носењето на законското решение и рече дека од него бенефит ќе има локалното население и побара да не се развлекува донесувањето на законот. Сепак, рече дека не се согласува со градењето мали хидроцентрали и побара што поскоро во Собранието да се одржи јавна расправа на која, како што кажа, ќе се слушнат сите страни и мислења. На тоа претседателот на Комисијата Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ и одговори дека со задоволство ќе свика јавна расправа веднаш откако ќе се создадат услови за тоа.

За Вјолца Адеми од ДУИ прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе има директно влијание на водите, кои , како што кажа, ќе имаат директно или индиректно влијание на водите кои се користат за пиење кај населението на Шар Планина. Придобивки од правилното менаџирање во иднина, додаде, ќе има и туризмот.

Арта од ДУИ посочи дека во изработката на Предлог-законот учествувале експерти од Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје и нагласи дека прогласувањето на Попова Шапка за национален парк е особено битно за Западна Македонија, но и за целата држава.

За Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ Предлог-законот е добро законско решение кое има можност за подобрување, бидејќи на Шар Планина и е потребна заштита. Според него, од особена важност е да се донесе добро решение во кое треба да се земе во предвид и мислењето на локалното население кое таму живее. Во локалитетот што треба да се прогласи за Национален парк, како што кажа, има 156 населени места од кои два града со вкупно 263.880 жители и е најгусто населен предел во државата со 128,62 жители на квадратен километар.

Бајрам Кадри потсети дека иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк потекнува од 2010 година и е расправана со многу стручни лица и локалното население, како и со 18 градоначалници во два мандата. Прогласувањето на национален парк, потенцира, е прифатливо и за населението кое живее на Шар Планина.

Ненад Коциќ од СДСМ посочи дека не само што треба да се донесе овој закон, туку треба што побрзо да се пристапи кон заштита на биодиверзитетот на Шар Планина. Носењето ќе има позитивни ефекти врз локалното население и ќе отвори огромни можности за развој на регионот. Тоа, како што рече, се покажува од праксата во Европа по прогласувањето на националните паркови.

Здравко Трајанов смета дека отворени прашања во законското решение што треба да се решат пред второто читање се заштитата од дрвокрадството, изградбата на мали хидроцентрали и спречувањето на градежната експанзија. Поздравува носење на вакво решение и смета дека националните паркови и заштитените подрачја се богатството на една држава со кое треба да се гордее. Затоа, посочи, е добродојдена секоја инцијатива за прогласување на национален парк, но треба да се воспостават модели на одржливост на заштитените подрачја. Прогласувањето на Шар Планина за национален парк ќе значи бенефит за локалното население но, додаде, многу е тешко да се одвикнат мештаните од нивните воспоставени навики. За него проблем претставува што скијачкиот центар ќе биде заштитено подрачје и смета дека тоа и најавената приватизација остава можност за градежна експанзија, но и предвиденото патно поврзување на земјава со Косово преку тунел под Шар Планина. Затоа смета дека многу набрзо ќе треба да се менува опфатот на заштитеното подрачје поради тоа.

На тоа министерот Нуредини му рече дека законот не се однесува на минатото, туку на иднината и додаде дека тој воопшто не учествувал во донесувањето на одлуките за изградба на седумте малите хидроцентрали и е против нивна изградба, но, како што рече, не сакаат да се уништува тоа што веќе е направено.