За уште поголем економски напредок, зголемување на трговската размена и привлекување нови инвеститори, земјава мора итно да ја надмине клучната препрека, а тоа е ажурирањето на договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Турција, му порача синоќа Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) на вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.
На седницата на Управниот одбор на МАТТО на која присуствуваше и Битиќи, беше истакнато дека МАТТО се обидува веќе подолго време да најде решение за слободната зона во Гевгелија, која преку моделот на јавно-приватно партнерство очекува да и биде доделен.
-Целта на МАТТО е да даде придонес кон двојно зголемување на турските инвестиции во следниот период. Трговската размена во периодов е околу 700 милиони долари, но нашата тенденција е најпрво да дотигнеме трговска размена до една милијарда долари, а потоа многу повеќе. За да ја реализираме оваа тенденција и за поголем економски напредок на нашата држава, постојат повеќе механизми. Еден од нив е и можноста за користење кредити од 550 милиони долари кои турската Егзим банка ги има одвоено за Македонија, рече претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски и го информираше вицепремиерот дека турските инвестиции учествуваат со 35 проценти од вкупните странски вложувања во земјата.
Битиќи информираше за состојбата со државниот Буџет, нагласувајќи дека благодарение токму на приватниот сектор во февруари има зголемување од 25 отсто по основ на сите приходи, додека пак вкупниот пораст во јануари 2022 година изнесува девет проценти повеќе во споредба со истиот месец минатата година. Владата, рече Битиќи, досега има потрошено вкупно 200 милиони евра од кои 170 милиони за справување со енергетската криза и дополнителни 30 милиони за активностите за обезбедување топлинска енергија.
Вицепремиерот презентираше и дел од дополнителните мерки поврзани со ликвидноста на компаниите – обезбедување бескаматни кредити преку преку Развојната банка и Европската инвестициска банка.
-Битиќи ја изрази отвореноста на Владата за уште поинтензивна соработка со приватниот сектор, во насока на справување со предизвиците кои ги носи економската криза, истакнувајќи дека не може да се очекува развој без инвестиции, како од приватен така и од јавен карактер, наведува МАТТО.
На оваа заедничка средба, дополнува Комората, беше планирано и да се утврдат начините и можностите за уште поголема соработка со Владата во насока на подoбрување на економската состојба во државата и продлабочување на економската соработка на компаниите од Република Турција со Република Македонија.