Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ, институција која го организира полагањето на испитот на зрелоста вели дека ова важи за матурантите кои токму во тој период ќе се најдат во изолација заради позитивен тест, пренесуваат Мета.мк.
Во меѓувреме, иако има уште време до полагањето, професорите кои ги контактиравме велат дека работат со учениците и уште отсега се подготвуваат за матура.
-Планираме за овие ученици да има уште еден рок, со што ќе дадеме можност за сите деца што ќе бидат позитивни или во изолација, на крајот на јуни да имаат можност да полагаат во јунската сесија, вели Наумовска.
Таа додава дека оние ученици што нема да стасаат да полагаат и во вториот рок, ќе полагаат матура во август.
-Учениците кои ќе бидат позитивни на ковид-19 ќе треба да приложат решенија што ги одобрува и потшишува Државниот здравствен и санитарен инспекторат, посочува директорката на Државниот испитен центар, Наумовска.
Таа потсетува дека на решението мора да има архивско бројче, печат, со што нема простор за лажирање на документи.
-Ние ќе прифаќаме само официјални документи, односно училиштата ќе водат евиденција и тие работи ќе ги гарантираат. Ако има ученици кои се на боледување поради друг здравствен проблем, ќе си дојдат на полагање во август. Ќе има и такви кои можеби ќе бидат во странство, а во карантин, па ќе мора да приложат доказ за тоа од официјална институција, вели Наумовска.
Државна матура учениците ќе полагаат на 5 јуни (мајчин јазик) и на 11 јуни (математика или англиски јазик).
Освен овие два задолжителни испити, матурантите ќе полагаат и интерни испити чие полагање го организира самото училиште, после 11 јуни. Ако ученик падне на интерен испит во јуни, ќе треба да полага во августовскиот рок.
Директорката на ДИЦ вели дека испратени се насоки и до универзитетите за тоа како треба да ги примаат учениците на факултет.
-Имам информација дека факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ веќе ги креираат конкурсите за упис на нови студенти, вели Наумовска додавајќи дека екстерните испити ќе бидат бодирани со повисок коефициент.
„За еден екстерен испит максимум ќе може да се добијат 12 поени, односно за двата – 24 поени. Интерните испити ќе бидат рангирани со максимум 6 поени, односно 12 вкупно, а максимални 4 поени ќе носи проектната задача. Значи еден матурант може да добие 40 поени од резултатот од матурскиот испит, а 60 од просекот од оценките во средното образование“, појасни Наумовска.
Учениците ќе полагаат со физичко присуство во училиштата. Веќе има протокол кој е усвоен од Комисијата за заразни болести и од Владата. Информирани се училиштата дека максимум по 15 ученици треба да има во училницата. Онаму каде што има поголем број на ученици, а помалку училници, таму директорите имаат обврска да го организираат полагањето во некое основно училиште во кое има услови да се спроведе испитот. Тестовите за екстерните испити, веќе се печатат.