Револтирани се од односот на надлежните кои со години ги игорираат нивните барања и топката ја префрлаат од една во друга институција. Бараат измени на Законот кој ќе ги штити нивните права.
-Ние сме единствена струка во Македонија која не е опишана со Закон. И бараме законот под итно да биде донесен, бараме поддршка од сите народни избраници и од власта и од опозицијата што е можно побрзо да се донесат законски измени и образованието да ни биде признаена, вели Сашо Илиески од ГОБ „8 Септември“.
Корона пандемијата исфрли на површина бројни проблеми во здравството алармираат од Здружението „За нас“. Обвинуваат за партиски унапредувања, а велат и дека сестрите во ковид одделенијата не добиле ниту денар покачување на основната плата.
-И од тука сега почнува таа голгота, баравме директорот ни рече чекајте ќе ви кажеме, баравме немаме финасиска согласност… и почнуваат префрлањата на топките, во Министерство за финансии немаме финансиска согласност, па во болниците ќе им речат одете во Министерството за здравство или мораме да го прашаме МЗ, па Министерството ќе им одговори на болниците, ние не го одлучуваме тоа вие ќе го одлучите. И сето тоа е на грбот на медицинските сестри, еден круг во кој се вртат овие медицински сестри и остануваат со непризнаено високо орбазование и на индивидуални начини по партиски линии, на жалост, некои ќе си го решат статусот и ќе расте револтот кај сите други во болниците, вели Гордана Бешлиовска од Унијата ЗМСТАС.
Министерот за здравство, Филипче смирува – финансии за овој медицински кадар ќе се најдат, но потребна е вели систематизација во здравствените установи.
-Да се направи финансиска анализа, но во исто време и анализа на систематизациите во ЈЗУ, да се види каде за кого има места во систематизацијата и врз основа на тоа да изготвиме некакво долгорочно решение, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Во моментов, во трите високо образовни школи во земјава се едуцираат околу 1500 медицински сестри.