– Ако Скопје добие перспектива за придвижување кон ЕУ, тоа ќе им помогне на проевропските кругови за преземање антипопулистички решенија. Но, доколку нема позитивни сигнали од бугарска страна, веројатно ќе продолжи засилувањето на антибугарската реторика во Северна Македонија. Затоа одговорноста на Бугарија е огромна – и за власта и за опозицијата. Ако постои некое прашање за кое мора да се направат напори за изнаоѓање рационално решение ориентирано кон долгорочна перспектива, тоа е расплетувањето на јазолот со Северна Македонија, се заклучува во анализата.
Во текстот се посочува дека Скопје негува големи надежи во новата бугарска влада за придвижување на земјата по европскиот пат, но ќе мора да сфати дека не ќе може „да ја промени позицијата на Бугарија без да го промени своето однесување
Според авторот на анализата, „македонското прашање“ ќе биде меѓу централните теми во преговорите за формирање на новата коалициска влада во Бугарија, имајќи предвид дека најмалку две партии од потенцијалната нова владина коалиција – Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ (ИТН) се цврсто против каков било компромис со Македонија, додека победниците на изборите Промената продолжува (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ) повикуваат на нов пристап за да се постигне напредок и да се придвижи земјава кон Европската Унија.
– Од коментарите на Промената продолжува (ПП) може да се процени дека формацијата ќе се обиде да го „облече“ македонското прашање во неговите економски димензии, префрлајќи го фокусот од болната тема за историјата. Малку е веројатно дека ова ќе помине кај БСП и ИТН, кои тешко би се помириле со компромиси кои, дури и да се незначителни, би ги поттикнале гласачите на овие две партии, како и на поранешната владејачка Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и на националистите, да ги обвинат новите власти за „предавство“, наведува „Медијапул“.
Во тексот се потсетува дека бугарскиот претседател Румен Радев, кој беше резибран на изборите во неделата, изминативе месеци го префрли фокусот на односите меѓу двете земји од историските спорови на „почитување на правата на македонските Бугари“, што го сметаше за нешто што е поразбирливо за европските партнери на Бугарија и во исто време му овозможува на Скопје да покаже подготвеност за решавање на споровите без да се навлегува во прашањата за идентитетот и јазикот.
– Едно од главните барања на Бугарија е Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во својот Устав рамноправно со другите народи, нешто што македонските власти велат дека се подготвени да го сторат, но само непосредно пред или по влезот на земјата во ЕУ. Засега властите во Скопје одбиваат да сторат нешто околу тоа, но промена на бугарската позиција нема да биде можна без дејствување од нивна страна, смета авторот на анализата.
Во текстот се нагласува дека во односите со земјава, Бугарија се предржува кон Рамковната позиција усвоена од бугарското Собрание во 2019 година, со која се поставени „црвените линии’ на земјата.
– За најлегитимна промена на бугарската позиција ќе биде потребна нова расправа за ова прашање во Народното собрание, што секако ќе го разгори популистичкиот бран. Не се знае ни каков ќе биде ставот на ГЕРБ, бидејќи откако Владата на Бојко Борисов ја „замеша кашата“ со Скопје, тој изненадувачки го смени ставот и заговара брзо решавање на проблемите, но без да прецизира како, потенцира „Медијапул“.
Во анализата се оценува дека која и да било одлука што ќе биде во корист на Северна Македонија, независно како ќе биде спакувана, ќе има висока политичка цена доколку не биде придружена со јасна акција од страна на Скопје, па затоа не е јасно дали и партиите кои повикуваат на нов пристап би биле подготвени да ја платат таа цена.
– Уште повеќе, пред идната влада на ПП стои многу сложена задача – четирите партии ќе мора да усогласат голем број компромиси за премногу теми и политики, наведува авторот на анализата во „Медијапул“, додавајќи дека токму затоа Скопје ќе мора да сфати дека ќе треба да преземе сериозни чекори во врска со бугарските барања и „да престане да се надева само на притисокот од САД и од Европската комисија кон Софија“