Обвинителството извести дека според исказот на семејството, детето било врзано со синџир зошто било агресивно.

Граѓанските организации при своите анализи на аномалиите на системот, освен теренските истражувања ги користат и информациите добиени од медиумите. Во дадениот случај, при анализа на информации пласирани во медиумите како класичните така и интернет медиумите, можеме да заклучиме дека едни медиуми информираа дека семејството е семејство фантом, кое не е регистрирано во системот. Други медиуми известуваат дека Центарот за социјални грижи имал информации за семејството, велат од амбасадата.

Од таму нагласуваат дека според информации на „Меѓаши“, само детето кое настрада во пожарот немало извод од матична книга на родените, односно не било регистрирано, а притоа дополнуваат дека совесни граѓани реагирале до Центарот за социјални грижи во Ресен и истиот бил информиран за состојбата во семејството но не преземале никакви мерки.

Од „Меѓаши“ истакнуваат дека во најдобар интерес на децата е да се внимава на подробностите кои може да имаат негативен ефект токму над нив. Понатаму, тие потсетуваат дека државата треба да ја почитува усвоената Конвенција за детски права на ООН според која:

– Детето се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и ако тоа е можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него;
– Државите членки ги обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, особено во оние случаи кога детето, инаку би било апатрид;
– Обезбедување на содветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето;
– Овозможување на сите сегменти на општеството, посебно на родителите и на децата, да бидат информирани и да им се пружи поддршка при користењето на основните знаења за здравјето, исхраната на детето, предимствата на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина, како и за спречувањето на несреќите;
– Државите членки се обврзуваат ниедно дете да не биде изложено на мачење или на други свирепи, нечовечки или понижувачки постапки или казни.

Истовремено „Меѓаши“ во својата реакција прашуваат дали и зошто детето не било регистрирано во системот, дали било вклучено во системот на образование, но и каква заштита добила мајката по раѓањето на децата од страна на институциите. Тие укажуваат и дека според информациите од терен, граѓани на Ресен го пријавувале случајот во Центарот за социјална работа, па затоа прашуваат што преземале државните институции да ја спречат несреќата.

Од „Меѓаши“ реагираат и на известувањата на дел од медиумите кои го истакнаа местото каде се сместени децата, што претставува исто така кршење на нивните права. Затоа посочуваат дека треба да се известува етички и професионално кога се работи за дете жртва или сторител на некое дело.