Неодговорноста и незаинтересираноста или конечно и очигледно ограничениот капацитет на овие онституции се причината мелничко-пекарскиот сектор неколку години да дивее, смета Димовски.
Во продолжение неговиот став
Прво со нечовечкиот однос кон полјоделците, односно земјоделските производители на житарици со крајно депресираната откупна цена на пченицата.
Никакви ценовни движења на берзите во соседството неможат да послужат како изговор во формирањето на понижувачки ниската откупна цена за килограм лебно жито.
Уште позагрижувачки е нивната трансформација од преработувачи во трговци, со премолчена согласност од властите.
Имено, наместо да вршат откуп на пченицата од македонските земјоделци и потоа да ја преработуваат во брашно, патем дејност наведена во нивната регистрацијата, тие во најголем дел се ориентирани кон обичен увоз на брашно со што свесно го кинат ланецот од производство-преработка-финален производ.
Општествено одговорните фирми работат на заштита на домашното производство, а не на негово дерогирање. Како последица од лошото и несовесно работење и наводната превработеност ќе дојде и до од отпуштање од работа, чии последици од социјален карактер допрва ќе се почувствуваат.
Прашање е и дали воопшто и колку се врши контрола на квалитетот на брашното од увоз врз основа на посебниот Правилник.
Годинешнава откупна цена на пченицата изнесува симболични 10,5 денари за килограм.
Веќе четврта година откупната цена е под производствената цена, значи постои дисбаланс помеѓу производната и откупната цена, односно трошоците за производство на 1 килограм пченица се повисоки од висината на откупната цена.
Иако со закон е должно да реагира, за жал ова воопшто не го загрижува ресорното министерство за земјоделство, подеднакаво на индолентноста на министерството за економија кое многу лесно ги издава потребните документи за увоз на пченичното брашно. Или за тоа се применуваат олеснителни и поттикнувачки методи од финансиска природа.
Ќе ги поистоветам двете земјоделски култури, грозјето и пченицата, се додека откупната цена на грозјето не достигне 18 денари за килограм и за пченицата 15 денари за килограм ние нема да имаме стабилно производство, а нема да имаме ниту сериозен организиран откуп.
Затоа ќе има дивеење на винарските визби и откупувачите и нивно изживување со земјоделците.
Конечно, во услови кога откупната цена на пченицата изнесува 10,5 денари за килограм и со години не се поместила ниту за Дени, крајно безобразно и бесрамно е од пекарскиот сектор да најавува покачување на цената на лебот кој е стратегиски производ во исхраната на македонските граѓани.
Најмалку како оправдување може да ја наведува цената на пченицата.
Веројатно и несреќниот вицепремиер кој го оправдува и го релативизира ценовниот шок кој доаѓа го дели нивното мислење иако тој како член на владата има обврска да му служи на народот, а не на тесна бизнис група во стекнувањето на екстра профит.
За крај ќе ја напоменам и реафирмирам идејата која минатата влада интензивно ја разгледуваше а се однесува на интегрирањето на активностите во процесот на производство на земјоделски производи и прехрамбени производи (со еден збор храна), односно заокружувањето на ингеренциите и надлежностите на Министерството за земјоделство и храна по примерот на високо развиените аграрни земји, членки на ЕУ.
Тоа значи спроведување на интегрирана контрола по принципот “од нива до трпеза”.
Во тој случај нема да има препоклопување на надлежностите на институциите, различното толкување на законите, селективното работење и создавање штети врз земјоделското производство и сите граѓани на Република Македонија.