Прашање: На што се должи неуспехот на иницијативата за гласањето на недоверба во Собранието?
Одговор: Јас би рекол уште еден ден од хибридниот режим предводен од Зоран Заев. И во тој контекст тука не се работи за некаков успех или неуспех на било кого, туку само уште една потврда за недемократските методи на власта. И она што се случи е само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна, или на кратко кажано вистинското прашање не е дали, туку кога оваа влада ќе падне. Во моментот имаме влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за да подоцна се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува а владата се препелка во жив песок, во кој тоне се подлабоко, и со себе ја влече земјата. Владата на таков „жив песок“ нема да донесе ништо ново и ништо добро на земјата.
Прашање: Пратеникот кој пред самото гласање се откажа и смени страна во процесот на гласање на недоверба на владата Кастриот Реџепи кажа дека таквата одлука е резултат на убедувањето кој го добил од претставници на САД и ЕУ дека земјата ќе добие датум за преговори во декември и дека ќе биде решен спорот со Бугарија, кои се вашите информации?
Одговор: Актуелната влада е позната по своето недемократско однесување, по својата подмитливост и притисоци, политички хајки. И тука треба да се одговорот во прашањето зошто пратеникот Реџепи се премисли. Јас немам такви информации, а и досега немам чуено дека некој од тие центри на моќ даде поддршка на таквите тврдења. Ќе потсетам дека денот започна со упад на Полицијата и Финансиската управа во домот на еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, и тука е сомнително како баш на денот кога треба да се гласа за доверба на владата се упадна во домот на пратеникот. Ќе потсетам дека оваа влада е истата која беше вмешана во организирање на рекет каде еден од главните ликови беше токму Катица Јанева која беше на чело на Специјалното обвинителство и луѓе блиски на партијата на премиерот Заев. Оттука што мислите колку би им било тешко да скршат еден пратеник кој на десетина часа пред гласањето од гласен критичар на власта, се исклучува и му се губи трага, за да подоцна се појави со изјава за поддршка на владата? Тој пратеник дента кога се гласаше го немаше во собранието, туку само со изјава на бел зид како на сослушување во Боливија. Но тие кои тоа го прават треба да знаат дека нема да можат да ја скршат волјата на народот изразена на неодамнешните локални избори каде власта беше декласирана.
Прашање: Дали мислите дека Зоран Заев ќе си поднесе оставка, откако најави дека ќе си замине од неговата СДСМ и Владата?
Одговор: Потребна е оставка на целата влада, не само за Заев, затоа што единствениот разумен и логичен исход на сето ова се брзите избори. Сега имаме една неодржлива ситуација каде имаме влада без мнозинство пратеници која дополнително е без легитимитет декласирана на локалните избори кои се оддржаа пред две недели. Изборите се решение за да се провериме кај народот и што тој мисли за целата оваа состојба. Оваа влада нема капацитет да се носи со енергетската криза која зема замав, како и политичката криза која дополнително следи. Што се однесува до Заев тој уште еднаш ја замајува јавноста и уште еднаш не си го одржа сопствениот збор, а тоа е доколку загуби на локалните избори си оди од политиката. Но неговото останување во политиката ќе биде продолжување на кризата, и тој во ниту еден сегмент не може да биде клучен во било кое добро решение за државата.
Прашање: Зошто мислите дека Заев би бил пречка за напредокот?
Одговор: Затоа што Заев е второто име за зборот измами. И кога некои ќе речат дека владата паѓа затоа што Европската Унија не испорача датум за преговори, вистината е дека владата паѓа затоа што има криминал, порази и неисполнети ветувања. Таквите криминални врски на владата се гледаат и во соработката со балканските крими мрежи. Ќе потсетам дека на почетокот на оваа година ја објавивме аферата „мафија“ преку која соопштивме дека водачи на повеќе мафии имале оригинален македонски пасош. Имено тие доаѓале во Скопје, се сликале среде зградата на полицијата за пасош и им се издавале оригинални македонски пасоши под други идентитети. Па така со македонски пасош се стекнале едни од водачите на Шкаљарскиот и Кавачкиот клан, Вукотиќ и Звицер. Такви пасоши имале и водачите на италијанската, албанската, турската мафија.
Прашање: Направивте ли погрешна проценка со иницијативата за недоверба на владата или сепак беше лош тајминг?
Одговор: Не би рекол дека е погрешна проценка, туку вистинска одлука со која на површина ја извадив целокупната немоќ на владата и нејзините менахизми на владеење. Уште од почетоков знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи владата. А, ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики но се обединуваме во заложбата за пшромени и носење на нова иднина.
Прашање: Дали очекувате разрешница на спорот со Бугарија и подигање на рампата за евроинтегрирање?
Одговор: Не очекувам чуда. Она што очекувам од било која македонска влада е да се грижи за стратешките интереси на државата Македонија и она што беше изгласано од мнозинството на пратеници во Собранието срочено во резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии. Очекувам почит, бидејќи и почит даваме кон нашите соседи. И вој поглед секоја влада треба приоритетно да се насочи кон решавање на домашните проблеми. Вистински загрижувачки е лошата економска состојба, отсуството на инвестиции, присуството на корупција. Дајте да ја завршиме домашната задача, а само така ќе ги одземеме аргументите на тие кои посакуваат кочење на европските интеграции. И не треба да заглавуваме во прашањата кои не разединуваат и создаваат конфликти туку да работиме на нова иднина.
Прашање: Дали сте загрижени за иднината на вашата држава и на регионот, меѓудругото дали гледате шанса во иницијативата Отворен Балкан?
Одговор: Постојат сериозни предизвици. Но воедно мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот. За Македонија доаѓаат подобри времиња, прашање на време е кога работите ќе се променат и во Македонија и ќе дојде нова иднина. Јас верувам во нова заедничка иднина и заеднички патриотизам кој ќе не обедини во решавањето на заедничките проблеми, да се бориме за подобар стандард, за подобро образование и здравство. Да ги оставиме големите национални теми кои на Балканот никогаш добро не му донесоа, да се бориме за подобар живот, само тоа може да донесе прогрес. Во тој контекст за поздравување е секоја иницијатива која ќе го акцелерира тој процес и ќе демонстрира зближување на народите. Отворен Балкан во тој контекст е добра можност за продлабочена соработка. Не гледам на тоа како на замена на ЕУ, но Отворен Балкан може да помогне во полесна комуникација на регионот. Овој пат лидерите треба да се фокусираат на точките кои не поврзуваат, а не тие кои не разединуваат. Да инвестираме во доверба, и блиски контакти за да овозможиме регионот да се развива, да учествуваме во заеднички инфраструктурни проекти, но и почеста комуникација. Потребна е мудрост и разум, да не се произведуваат нетрпеливости, туку да произведуваме добра енергија. Во тој контекст не мислам и дека доволно добро се искористени контактите помеѓу Србија и Македонија. ВМРО ДПМНЕ е за отворени односи со сите соседи, на принципиелна основа. Бараме почит, но и даваме почит. Да ги затвориме неславните поглавја од нашата историја, и да ги потенцираме точките на пријателство. И тука постои огромен потенцијал за работа. Ние мораме да ја завршиме таа работа, тоа е наша задача пред се, а не на Европската Унија.
Прашање: Како гледате на односот на ЕУ кон Балканот?
Одговор: Сметам дека треба да има поголема заинтересираност за Балканот и фактот дека едни со други подеднакво си требаме. Секој напредок треба да биде базиран на вредности и заслуги. Балканот е умерен од лажни надежи и чекање. Не смее да се загуби достоинството во предолго чекање. Одговорноста за ова е на балканските лидери, но и на Европските. Европската Унија мора да покаже флексибилност, а сите држави на балканот треба да демонстрираат кооперативност во тој процес. Не смее да се злоупотребува правото на земји членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес ниту пак да има победници и понижени. Секогаш кога на Балканот сме се вртеле кон минатото сме заглавувале, сега треба да гледаме кон иднината. Да направиме спротивно од се до сега. Да покажеме дека се грижиме со работа, отворање на нови работни места, со подобар стандард за граѓаните. Не е патриот оној кој повеќе че биде гласен со националистичка реторика туку оној кој реално ќче оствари дела за својата земја. Мора нов правец во движењето на работите, и сите ние имаме капацитет и сила за големи работи.