Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ истакнува дека власта наместо да се фати за работа за да се спречи економската и енергетската криза, едноставно само се грижела за тендерите во четири очи.
Предупредив уште пред една година дека до тоа ќе дој де и понудив сценарио на излез пред 6-7 месеци. Потоа власта порачуваше дека ја имаат ситуацијата под контрола, дека опозицијата шири дефетизам и дека јас сум покажувал елементарно непознавање. Наместо да се фатат за работа, одлучија мене да ме навредуваат, но направија една работа – тендерите во четири очи. Тоа е суштината. Договараа инстант на друга фирми денес формирани, утре да добиваат мултимилионски договори за превоз на јаглен. Инстант-фирми добиваа тендери за снабдување со мазут, вршеа ископи во РЕК Битола – појаснува Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека ќе требаат од 2 до 2,5 милијарди евра за да се излезе од оваа тешка ситуација. Како што вели тој, енергетската криза, сама по себе, нема да биде толкав проблем колку што ќе се трансформира во финансиска криза. Струја ќе има да се купи, но само прашање е по која цена ќе се купува истата струја. Колку повеќе се чека, толку поскапо ќе се плаќа.
Моите информации се дека и тие 200 мегавати што се договарани им е кажано дека мора да поминат преку берзата, што значи цената е берзанска и не ја гледам привилегијата. Па, пратиле пратеник од тука, кој барал цена – берзата минус 30 проценти. На тоа му се насмеале и го испратиле назад дома. Така што тие 200 мегавати, нема ни половина од потребите на стопанството под идеален услов да работат трите блока на РЕК Битола, да има одлична кондиција со хидроцентралите, да работат двете турбини на ХЕЦ Неготино, да работи Осломеј – одговара Мицкоски на прашањето за договорениот откуп на 200 мегавати струја помеѓу владината делегација и Софија.
Мицкоски истакнува дека треба да се обезбедат пари. Тој вели дека сега, овој период владата треба да работи за следната година, за следната есен и зима и додава дека тоа е суштината во енергетиката, работите нема да се случат преку ноќ, треба да помине време.
Стопанството го оставаме на страна, иако таму работат 680.000 македонски граѓани. Без тоа живо стопанство ќе нема ни државата пари, зашто ова стопанство го полни буџетот. Тогаш ќе нема ниту за администрацијата, ниту владата што да краде. Затоа ние мора сега да се насочиме како да му помогнеме на стопанството. Тие прво велеа 150 милиони, па 300 милиони, јас велам 500 милиони евра, но тоа е само за граѓаните и домаќинствата, без стопанството. Технички, процесот можеше да се менаџира пред 6-7 месеци, сега тоа може за следната година, но за тоа требаат пари. Треба да најдат начин како да обезбедат пари – нагласува Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на „Фокус“ дали треба да се излезе во пресрет на барањата на синдикатите тој одговори дека секогаш треба да се помогне, но треба првин да се видат параметрите, бидејќи нема реални параметри од страна на власта.
Се сеќавате, истите синдикати се сликаа со владата, потпишуваа колективни договори, потпишуваа минимална плата. На први мај, сите синдикати во светот протестираат, само нашиот синдикат се гушкаше со министерката за труд и социјала и премиерот и велеше дека постигнале историски договор дека ќе добијат линеарно покачување. И владата ги изигра.
Секогаш треба да се помогне, но треба да ги видиме параметрите, не располагаме со реални параметри. Го гледам буџетот, веќе дефицитот е близу 350 милиони евра. Се најавува ново задолжување зашто в година ни стигнува еврообврзница од 450 милиони евра, значи во моментот ви требаат 800 милиони евра. Затоа направив еден базен од сите овие инпути и велам дека од 2 до 2 и пол милијарди евра ни требаат во моментот за оваа и за следната година, за некако да ја менаџираме оваа криза.
ФЕНИ не работи од 1-ви јули, Бучим не работи од 1-ви септември и уште неколку поголеми извозници најавуваат запирање на производствените капацитети. Тоа ќе се одрази на БДП-то во 3-от и во 4-от квартал, а кога ќе се случи тоа, ќе порасне долгот. Кога ќе порасне долгот, ви паѓа кредитниот рејтинг, кога ќе падне кредитниот рејтинг, парите ќе ви станат поскапи и нема да најдете инвеститори што ќе ви позајмат пари. Тоа е таа спирала во економијата ШТО Зоран Заев и Драган Тевдовски ја споменуваа, ама во негативна насока. Има и позитивна, ама сега сме во негативната насока – истакнува Мицкоски.