Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ се осврнува на неколку актуелни политички прашања во Македонија.
За иницијативата за референдум за договорот со Бугарија, Мицкоски истакнува дека тоа е единствениот начин на кој опозицијата може да дејствува.
Во современата парламентарна демократија може да спречите нешто само доколку го повикате народот да се произнесе и да даде свој став. Токму од тие причини се одлучивме за задолжителен референдум, а не како што беше манипулативниот за Преспанскиот договор, кога имаше прашање со двојно значење. Референдумот и прашањето се многу прецизни и се однесуваат на изворот на сите проблеми, а тоа е билатералниот договор со Бугарија – истакнува Мицкоски.
Тој посочува дека Талат Џафери, при донесувањето на одлуката за отфрлање на иницијативата за референдум, противправно си дал улога на уставен судија кој го толкува Уставот.
Толкувањето на Устав е работа единствено на Уставниот суд. Прават правни гимнастики за да го избегнат народот. Тоа што бегаат од соочување со народот кажува дека знаат дека ќе има излезност у знаат дека народот е против договорот кој е извор на асимилацијата што СДСМ и Димитар Ковачевски ја спроведуваат. ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не се менува содржината на договорот, туку го спори законот со кој се прогласува за важечки. Бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз, после кој следи одгопворност пред законите и Уставот – вели Мицкоски за „Фокус“.
Мицкоски се осврнува и на предлогот за референдумско прашање кое го даде Пендаровски а кое се однесуваше на условите за членството во ЕУ, па потоа се повлече.
Нашиот потег беше со цел да го извадиме Пендаровски на површина. Ако ние влезевме во замка, тогаш можеше многу лесно Џафери да ја одбие иницијативата, зошто ќе речеше дека ова не е во ингеренции на Собранието, туку во ингеренции на владата. А сега не е во право што ја оспори иницијативата, направи насилство зошто договорот со бугарија е ратификуван од Собранието. Нашата намера е народот да може да се произнесе дали е за напуштање или за останување во тој договор. Каква и да биде излезноста на еден таков референдум, без разлика дали власта ќе го бојкотира или не, ние под овие околности немаме намера да ги гласаме уставните измени. Овие околности не даваат одговор на нашиот пат кон ЕУ, зошто потоа ќе следат нови и нови околности – вели Мицкоски.
Според него, крајната цел на Бугарија е да докажат дека македонскиот народ има бугарски корени, а историјата и културата имаат бугарска нота.
Уставните измени нас ни го отвораат патот кон проблемите. Тогаш на една маса ќе преговараме за европски стандарди, транспорт, здравство, образование, владеење на право, а на друга маса за Самоил, Климент, Наум, преродбениците, илинденците. Без разлика што на едната маса ќе ги постигнеме критериумите, ако на другата маса не прифатиме дека во Втората светска Војна Бугарите не биле окупатори, туку администратори, бадијала што на првата маса сме се договориле- вели Мицкоски. Првите документи откако почнавме да преговараме, како што тврдат, е за средниот век и за Самоиловата држава, за Кирил и Методиј, Климент и Наум. Е па, ако не преговараме за историја, тогаш првиот документ нека биде некој грант од ЕУ од милијарда ипол евра за изградба на коридорот 8 и 10 – истакнува Мицкоски.
Тој заклучува дека излезот од ваквата ситуација е заедно сите на референдум да се изјаснат, да излеземе од Договорот и повторно да седнеме на маса да преговараме нов договор во кој нема да има такви замки.