На премиерот Христијан Мицкоски му пречи алармот што го вклучуваат амбасадорите за состојбите во правосудството, за политичките притисоци со кои се соочува судско-обвинителската фела и тоа што нагласија дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители го сметаат за директно мешање во независноста на судската власт. Но Мицкоски останува на ставот од предизборието за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, доколку во меѓувреме не се изнајде подобро решение, зашто, како што вели – вака не бива.
– Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо, и за политиките и за програмата на оваа влада. Истовремено сите тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, велат во своите извештаи дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на 2-3 проценти кај граѓаните. Очигледно е дека работите не функционираат. Логично е како човек кој е рационален и конструктивен, кога ќе видите проблем да барате решение за тој проблем. Еве ние понудивме решение. Во ред, не се битни 600.000 гласа за амбасадорите, не е битна програмата на владата, еве ако тие знаат подобро решение нека дојдат и нека кажат. Подготвен сум да разговарам за истото и доколку е тоа решение, подобро веднаш да го прифатам и истото да го примениме, еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции затоа што вака очигледно не бива. Видете кои се нови членови на Судскиот совет и се ви е јасно – порача Мицкоски од Гевгелија.
Од Министерството за правда, пак, соопштија дека тие подготвиле нацрт верзија на Законот за Судски совет за кој веќе на ЕНЕР е дадено известување за процесот на подготовка на законот.
„Откако ќе се финализира од страна на експертската група, текстот на законот ќе биде прикачен на ЕНЕР при што сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои мислења и забелешки. По ова, министерот за правда Игор Филков планира да отвори широка и јавна дебата во која ќе бидат слушнати мислењата на експертската јавноста со цел да се дојде до најдобро заедничко прифатливо решение. По завршување на целиот процес текстот на законот ќе биде доставен на мислење на Европската комисија и Венецијанската комисија “, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за правда.