Ако режисерот Владимир Милчин режира претстава за сегашната состојба во Македонија, тоа би било гротеска, со одвреме-навреме смеа, но со мачен впечаток на крај. Тој вели дека македонските дела Крпен живот, Печалбари и Арамиско гнездо ја дефинираат состојбата во кој сме доведени, пишува РСЕ.
– Ако режирам претстава за актуелната ситуација во Македонија, тоа најверојатно би била некаква гротеска, која е типична по тоа дека во неа се мешаат комичното и трагичното и тоа на еден начин кој на крајот, без оглед на тоа дали одвреме-навреме се случува смеа како реакција на она што се случува на сцена, на крај впечатокот е мачен, останува тоа во грлото, истакна Милчин.
Околу тоа како од еден од најжестоките критичари на Груевски, сега е претворен во критичар на власта на Заев и што најмногу му пречи, Милчин се осврна на откажувањето од ветувањата.
– Најмногу ми пречи тоа што се откажаа од сопствените ветувања, дефакто излегува дека тоа што беше изложено пред да дојдат на власт беше само демагогија, ветувања во кои, очигледно, и тие не верувале. Ми паѓаат на ум три класични македонски литературни дела. Првото е „Крпен живот“, второто е драма „Печалбари“, а третото е „Арамиско гнездо“. Мислам дека овие три наслови од нашата класична литература одлично ја опишуваат, ја дефинираат состојбата во која ние сме доведени, со тоа што власта на коалиционата влада на Зоран Заев дефакто ја продолжи праксата на претходната, на онаа на Никола Груевски, потенцираше Милчин
Прашан околу тоа кои неисполнети ветувања први му паѓаат на памет, Милчин одговори дека е многу тешко да се одговори бидејќи има тешка конкуренција.
– Прво – Она во што ние сега сме доведени, не е тоа почнато со Заев, ама е развиено со Заев, тоа е тој наслов „Арамиско гнездо“ на Ѓорги Абаџиев. Македонија не е едно арамиско гнездо, таа е конфедерација на арамиски гнезда. Таа е расцепкана и во неа во една ситуација во која од социјализам требаше да се вратиме назад во капитализам за да можеме да одиме напред, ние се вративме уште чекор поназад, ние сме сега во нешто што би го нарекол капиталистички феудализам. Значи една земја, не знам дали можам да кажам држава, прашање е дали ние сме држава, која е дефакто составена од не знам колку феуди во кои владеат партиските моќници рака под рака со новокомпонираните олигарси, истакна тој.
Целиот текст и видеото од интервјуто, можете да ги погледнете на Радио Слободна Европа.