Македонија треба да има современ државен грб. Да ги одразува нејзините историски вредности и европската ориентација, изјави Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.  Според него, сегашниот грб содржи застарена симболика.  Toa ја става земјата во група со држави како Белорусија, Таџикистан и Ангола, кои сè уште користат советска симболика. 

Современ државен грб како симбол на европската Македонија

Милошоски смета дека Македонија треба да се стреми кон државни симболи кои ќе ја поврзат со европското семејство на народи. Според него, актуелниот државен грб не ја одразува целосно македонската историја, ниту ги претставува клучните историски моменти на земјата.

„Доколку зборуваме за современи државни обележја засновани на објективна хералдика, Македонија не би требало да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и Ангола. Овие земји сè уште користат грбови со советска симболика, додека Македонија има богато историско наследство, кое може да ги поврзе АСНОМ, Илинденскиот период и претходните епохи во нејзината историја. Тоа може да се отслика во нов државен грб кој ќе биде подобро прилагоден на современите определби на Македонија, изјави Милошоски.

Историското наследство – основа за новиот грб

Пратеникот нагласи дека Македонија има богато културно и историско наследство. Toa  може да послужи како основа за создавање на современ државен грб. Во него, според него, би требало да се интегрираат:

  • АСНОМ – како темел на современата македонска државност
  • Илинденското востание – симбол на борбата за независност
  • Националните обележја што ја претставуваат традицијата и идентитетот

Со ваков пристап, вели тој, ќе се создаде државен симбол кој е во согласност со европските хералдички стандарди и ќе ја афирмира македонската самобитност.

Иницијативата не е временски ограничена – потребен е дијалог

Милошоски потенцира дека оваа иницијатива не треба да се поврзува со Локалните избори или како дефокусирање од економските прашања.

„Оваа иницијатива нема временска рамка – важно е да се отвори јавна дебата и да се постигне консензуално решение. Без разлика дали тоа ќе се случи за три, шест или девет месеци, клучно е разговорот да биде поткрепен со објективни аргументи, додаде Милошоски.

Тој нагласи дека, иако економските предизвици се приоритет, тоа не значи дека треба да се игнорираат и прашањата поврзани со националниот идентитет.

Консензуален пристап за промена на државниот грб

Според Милошоски, промената на државниот грб мора да биде резултат на широк општествен дијалог, во кој ќе учествуваат експерти, историчари, хералдичари и претставници на институциите.

„Нашата цел е Македонија да има државен грб што соодветно ја претставува нејзината историја, традиција и европска иднина. Овој процес треба да биде инклузивен, со учество на сите релевантни актери, со цел да се постигне национален консензус“, заклучи тој.

Според Милошоски, Македонија ќр добие современ државен грб, кој ќе биде усогласен со европските вредности и ќе ја претставува земјата во меѓународната заедница на достоен начин.

извор: Миа