Министерот за здравство Беким Сали, ја оствари првата официјална посета на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во придружба на свои соработници, при што беше потврдена заложбата за заемна соработка со цел подобрување на јавното здравје, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму известуваат дека на почетокот од работната посета на 2 септември, министерот Сали остварил средба со Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа. На средбата Клуге ги пофалил напорите на Република Северна Македонија за унапредување на националната здравствена агенда. Тој истканал дека СЗО ќе продолжи со поддршката за државата за натамошна операционализација на реформата на примарната здравствена заштита, проширување на улогата на медицинските сестри во пружањето здравствени услуги бидејќи тие во голема мера можат да придонесат за подобрување на нашиот здравствен систем, процесот на одговор и закрепнување од КОВИД-19, како и за новите иницијативи во областите на контролата на тутунот и безбедноста на пациентите.

-Забрзувањето на реформата на примарната здравствена заштита со цел постигнување состојба каде услугите ќе бидат достапни за граѓаните, а во центарот на вниманието ќе бидат луѓето, како и зајакнувањето на контролата на тутунот, се двете клучни области каде Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Министерството за здравство на Република Северна Македонија изразуваат посветеност за уште потесна соработка во иднина. Пресреќен сум што здравјето е толку високо на агендата на Република Северна Македонија, а со денешнава посета дополнително ја зајакнавме одличната меѓусебна соработка, нагласил Кл уге, регионален директор на СЗО за Европа.

По тет-а-тет средбата со Клуге, министерот за здравство имал состанок и со директорите на различните оддели во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, при што ја презентирал актуелната состојба во која се наоѓа здравствениот систем на државата и притоа се осврнал и на остварениот напредок и предизвиците.

Министерот Сали се заблагодарил на СЗО за континуираната поддршка за здравствениот систем и граѓаните на Северна Македонија.

-Горд сум на одличната соработка која ја имаме со СЗО и во оваа прилика сакам да изразам огромна благодарност за нивната поддршка, рекол Сали.

Тој посочил дека изминатиов период, што го одбележале голем број предизвици по здравствениот систем предизвикани од пандемијата на КОВИД-19, а советите и помошта кои ги добивме од СЗО биле од клучно значење нашата држава да успее да ги зајакне капацитетите на сите нивоа.

На средбата со претставниците на различните оддели од институцијата-домаќин, делегацијата на министерот направи осврт на тековните активности во областа на јавното здравје во Северна Македонија и на можностите за засилено спроведување на заедничките иницијативи во согласност со приоритетите на Министерството за здравство.

-Министерството ќе ги интензивира напорите за спроведување активности во неколку домени: примарна здравствена заштита, безбедност на пациентите, квалитет на негата на болните, контрола на тутунот, ментално здравје, превенција на незаразни болести, превентивни активности во областа на јавното здравје и е-здравје и дигитализација, а ќе продолжиме и со добрите практики во областа на перинаталната нега, додаде Сали.

Од МЗ соопштуваат дека, како дел од посетата, се одржал и билатерален состанок со претставници на Министерството за здравство на Кралството Данска со цел размена на информации и добивање сознанија за здравствениот систем на оваа држава, при што цел еден ден од посетата бил посветен на запознавање со извонредните искуства на Данска со иницијативите за безбедност на пациентите во болниците и со дигиталните алатки што се користат во примарната здравствена заштита.

Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО во Северна Македонија и в.д. шефица на Канцеларија на СЗО во Скопје, истакнала дека СЗО ќе продолжи да работи во партнерство со Министерството за здравство.

-Нашата поддршка ќе продолжи во насока на зајакнување на здравствениот систем, приближување кон остварување на целта за универзална покриеност со здравствени услуги, заштита на граѓаните од здравствени вонредни состојби и унапредување на здравјето и добросостојбата, потенцирала Јохансен.