Фатмир Бесими рече дека министерот не ги врши работите сам, па затоа за да ги мотивира вработените во Министерството што го води од јануарската плата ќе има линеарно зголемување на личните доходи за 30%. Тој рече дека ова зголемување се заснова на Законот за државна администрација, тргнувајќи од зголемувањето на минималната плата и сите кои имаат колективен договор да ги нивелираат платите во јавниот сектор, пренесува Алсат.

„Да го оставиме Министерството без вработени? Да немаме воопшто буџет? Никој да не работи во Министерството? Тоа е прашањето. Министерството за финансии е единствената институција каде вработените имаа помали плати од органите со ист состав, како што е усогласување со УЈП и Царината и со тоа решението е донесено согласно законот, каде што се нагласува дека е за 30% повисока во однос на минатогодишните плати“, рече Бесими.

Бесими рече дека освен што оние кои лани се пензионирале, ресорот поради незадоволство од платата го напуштиле 40 вработени, меѓу кои и раководители на сектори. Во моментов во ова министерство има околу 400 вработени. Според Бесими, морале да ги зголемат платите за да го задржат персоналот бидејќи немало интерес на огласите за нови вработувања.

„Јас како министер не сум должен само за платите на мојот ресор, туку за целата јавна администрација во однос на платите да бидеме доследни за да има долгорочно решение. Со работни групи работиме на минималната плата, пензиите, платите во државната администрација, Законот за плати во јавниот сектор, каде и ние ќе бидеме дел“, додава Бесими.

За тоа дека треба да се направи консолидација на јавната администрација зборуваа и евроамбасадорот Давид Гир и претставникот на Светската банка во Скопје. Според Централниот регистар на Македонија, во 2020 година имало 1.346 институции од јавниот сектор со вкупно 132.088 вработени, а во 2021 година биле додадени уште 14, со 905 нови вработени.

Инаку, Владата вчера го изгласа планот за реорганизација на државните органи со кој се предвидува спојување на неколку јавни институции и агенции.