Годишната конференцијата за информации и комуникации на НАТО, најголемиот настан во доменот на стратегиските комуникации на Алијансата, оваа година ќе се реализира во Северна Македонија. Организацијата на овој значаен настан во нашата земја е потврда за реномето кое го стекнавме како членка на Алијансата која прави решителни чекори во развојот на стратешките комуникации.

На конференцијата која ќе се одржи наесен, во Скопје ќе пристигнат околу 500 НАТО експерти за стратешки комуникации од сите земји – членки на Алијансата и од околу 40 партнерски земји. Конференцијата претставува годишен форум на кој се разговара за комуникациските функции и планови на Алијансата, а се разменуваат и искуства и научени лекции за моменталните и идните предизвици во областа на стратешките комуникации.

За Министерството за одбрана, овој голем настан е дополнителна можност за унапредување на репутацијата на Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации во НАТО и негово вклучување во НАТО системот за обука во доменот на стратешките комуникации.

Министерството за одбрана ја доби довербата од сојузниците да ја организира оваа конференција во Скопје уште во 2020 година, но нејзината реализација беше одложена поради рестрикциите предизвикани од пандемијата на covid-19. Во 2020 и во 2021 година, конференцијата се одржа со видео конференциска врска.