Целите на способности, посочуваат, го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите. Тие се дел од планирачкиот процес на Алијансата и земјите – членки и нивна основна задача е да ја зацврстат колективната одбрана на НАТО.
– Овој процес овозможува земјите – членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поспремна да ја гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област, наведуваат од Министерството.
Министрите за одбрана на состаноците разговарале и за Авганистан, и потребата никогаш повторно да не се дозволи оваа земја да биде упориште на тероризмот. Со една комплексна, но добро координирана акција на НАТО, од Авганистан беа евакуирани над 130 илјади граѓани кои во изминатите две декади им помагаа на силите на НАТО во оваа земја. Македонија, додаваат од Министерството, и во овој случај со привремениот прием на одреден број авганистански граѓани покажа дека е сојузник на кој Алијансата може да се потпре.
На маргините на овие состаноци, министерката Радмила Шекеринска остварила бројни средби со министрите од сојузничките земји на кои била потврдена заложбата за развој на меѓусебните билатерални одбранбени односи. Шекеринска во Брисел, се сретнала и со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино каде ја пренела пораката дека Македонија испорача резултати и дека е потребно Унијата час поскоро да го отвори патот кон полноправно членство.
Пред почетокот на состаноците на Северноатлантскиот совет, министерката учествувала на церемонијата за именување на централната раскрсница во Врховната команда на сојузничките сили во Монс – „Скопје“, со што нашиот главен град се приклучи на традицијата на именување на улици во оваа Команда според НАТО престолнините.