Имаме 99,5 проценти крстени номинални христијани кои не ни одат во Црква, напиша во својата поствелигденска колумна струмичкиот митрополит Наум. Во статијата насловена како „ Што има ново со нашата Црква?“ овој член на Светиот Синод на МПЦ-ОА се осврнува на актуелната состојба поврзана со процесот на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на другите православни цркви, пренесува Скопско Ехо.
-Никој од нас досега официјално не побарал промена на уставното име на нашата Црква, никој не ја побарал нашата црковна дијаспора, никој не побарал промена на нашиот црковен календар, никој не побарал ставропигијални манастири во наша јурисдикција, никој не ја повредува на никаков начин нашата автокефалност; знаат сите дека, ако беше побарано, сигурно ќе се дознаеше, наведува во колумната овој владика.
Тој потецнира дека после 55 години црковна одвоеност, најпрво Вселенската патријаршија, а потоа и останатите Помесни Православни цркви, љубовно нѐ прифатија во Евхаристиска заедница, за што им должиме само благодарност; и тоа е најважно.
-Со други зборови, ние сме автокефална Помесна православна црква со Устав што го потврдува истото од 1967 година – кој единствено важи за нас, додека останатите Помесни цркви сега само наоѓаат соодветен канонски начин да воспостават Евхаристиска заедница со нас, преку свои акти. Мислам дека и ова е многу јасно. Не можеме на туѓи административни акти да им придаваме поголемо значение од љубовното – ние си имаме наш важечки Устав, а посебно не е нормално да се расправаме меѓусебно поради нив. Ако се сеќавате, веднаш лани, после заедничкото сослужување со СПЦ во Скопје, го напишав тоа: „не ѝ требаше на нашата Црква никаква автокефалност или, пак, автономија, туку љубов“; додуша, и ним им требаше истото, потенцира митрополит Наум.
Тој додава дека Светиот Синод на МПЦ – ОА, Јустинијана Прва, се раководи само согласно својот Устав, активно ја чува својата Апостолска, Соборска, Светоотечка и Православна вера во Богочовекот Исус Христос – непроменета, и се грижи за единството на сите во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква – според своите сили и колку што зависи од нас.
-Не заземаме ничија страна, не сме ничиј привезок, не сакаме да бидеме причина за поголем меѓуправославен раскол, не правиме идол од ништо, си имаме потполно своја црковна политика и карактеристични црковно-пастирски интереси, но многу добро знаеме и кој е Прв по чест во Православната Црква – согласно одлуките на Вселенските Собори, како и која е нашата моментална геополитичка позиција, додава струмичкиот владика.
Според него, постојат други причини за загриженост.
-Ако за нешто треба сите да се загрижиме – доколку сме нормални, тоа е следново: прво и најглавно е дека сите треба да пораснеме низ степените на духовниот развој, од очистување на срцето од страстите, преку просветлување на умот, па сѐ до обожение, а знаеме каде сме повеќето – во религиозна невроза или во растројство на личноста; и второ, имаме 99,5 отсто крстени номинални христијани кои не ни одат во Црква, токму поради незрелоста и внатрешните борби на суети кои ги гледаат кај нас јавно, односно поради отсуството на Христовото сведоштво во нас – и за чии души сме апсолутно виновни. Еве ни поле за загриженост – и тоа многу голема, како и за работа – и на лично и на општествено ниво, и еве како можеме да бидеме навистина корисни за Црквата. Еве и како се чува и верскиот и националниот идентитет. Ама, од една страна, за тоа е потребна голема лична жртва и одрекување од „нормалниот“ живот, а од друга страна, полесно е некој друг да е виновен, полесно е да ги исправаме црковните проблеми на социјалните мрежи и да лечиме индивидуални фрустрации, полесно е да се собираат политички поени на грбот на Црквата, и полесно е поради привремен популизам и лажен патриотизам да изгубиме нешта кои се суштински важни за нас – како што неколкупати веќе изгубивме, односно полесно е сѐ отколку аскетско-исихастички подвиг и работа на самите себе, како и на своето бездетно семејство, потенцира овој владика.