Вкупната каматна стапка за заемот од договорот со Обединетото Кралство ќе биде помала од маргината од 4,5 проценти. Ова го изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Oбјасни дека се користи кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, кој е трипати А. Тоа е најдоброто што државата може да го добие на пазарот во моментов.
На прашањето дали вкупната каматна стапка ќе биде во рамките на тековните проекции за државата, кои се движат од 4,5 до 6,5 проценти, Мицкоски одговори дека вкупната каматна стапка би била пониска од оваа долна граница.
„Договорот е за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и тој поминува во собраниска процедура“, рече Мицкоски.
„Во делот на финансиските аранжмани, ние имаме преговори со финансиски институции од таа земја. Имаме од прилика структура колку би била каматната стапка за тој еден заем. Би кажал дека е подоле од долната маргина што ја кажавте“. Ова го изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Но, Мицкоски нагласи: „Ние нема да одиме на директно потпишување договор со таа финансиска институција, туку Министерството за финансии, откако ќе добие барање за проект, ќе излезе на меѓународен пазар и ќе има конкурентен дијалог со 18-20 потенцијални кредитодаватели, меѓу кои и европските банки.“
„Оној што е подготвен да финансира вакви проекти, со одредена конкурентна каматна стапка, ќе биде избран“, додаде Мицкоски. „Не можеме од сега да знаеме дали таа финансиска институција со која преговаравме ќе биде најконкурентна. Таа ќе биде избрана само под услов да е најконкурентна, затоа не е дел од договорот, затоа што таа процедура допрва ќе се случува. И тоа ќе биде транспарентно и нема да биде скриено, нема да се носи со европско знаме и нема да биде класифицирано. Зарем мислите дека јас сум тука да дозволам држава да направи фаул или пак граѓаните да бидат ограбени? Напротив, ние добивме доверба за да ја развиваме“, изјави Мицкоски.
Финансиските услови сè уште не се докрај договорени, потенцираше Мицкоски. Тој посочи дека во случајот има петгодишен грејс период. Првата фактура би доспеала на 1 јануари 2027 година и од тогаш ќе започне грејс периодот.
На прашањето дали договорот предвидува соработка во безбедноста и што тоа подразбира, Мицкоски одговори дека пред две недели на владина седница бил разгледан меморандум за разбирање меѓу Владата и британска компанија која е подготвена да инвестира во еден таков производствен капацитет меѓу 250-300 милиони евра, што годишно би носело од извоз околу половина милијарда евра.
„Но, имаме договор, кога ќе биде сето тоа финализирано, ќе застанеме повторно на прес и тоа ќе го кажеме“, изјави Мицкоски.
Извор: Република