Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на панел-дискусијата „Геостратегија и енергетска сигурност“ во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
Премиерот говореше за новите безбедносни предизвици за НАТО, балканизацијата на Европа, двојните стандарди и енергетските планови на Македонија.
Мицкоски потенцираше дека Македонија со многу жртви станала членка на НАТО, менувајќи го уставното име, но и понатаму се соочува со блокади и политички условувања во процесот на евроинтеграции.
Кога станува збор за НАТО, не смееме да го заборавиме фактот дека мојата земја мораше да го смени своето име за да стане членка. Затоа, кога се дискутира за откажувања и двојни стандарди, ова мора да се земе предвид.” Кога се зборува за двојни стандарди, треба да се потсетиме на тоа,” истакна премиерот.
Двојни стандарди и балканизацијата на Европа
Мицкоски ја критикуваше политиката на двоструки аршини, истакнувајќи дека Македонија со децении се соочува со „вештачки наметнати прашања“ кои ја попречуваат нејзината европска перспектива.
“Во Минхен слушнав за загриженоста околу мешањето во внатрешните работи. Но, кога ја менувавме нашата национална симболика – знамето, валутата, па дури и уставното име – зарем тоа не беше директно мешање? И зошто тогаш никој не реагираше? Денес, повторно сме под притисок да направиме уставни измени за да ги започнеме преговорите со ЕУ. Дали и ова не претставува мешање во внатрешните работи?”
Тој нагласи дека Македонија е сведок на процес што го нарече „балканизација на Европа“, наместо „европеизација на Балканот“.
“Некои балкански земји членки ги донесоа своите спорови во Брисел, наместо да ги остават зад себе. Наместо европски вредности на Балканот, добивме балкански политики во ЕУ,” истакна премиерот.
Македонскиот идентитет и последиците од балканизацијата на Европа
Во контекст на тековните геополитички случувања, Мицкоски повлече паралела помеѓу украинскиот и македонскиот идентитет, прашувајќи зошто едниот случај е меѓународно осуден, а другиот се игнорира.
“Слушаме дека Русија го негира постоењето на украинскиот идентитет, јазик и црква – чин кој претставува сериозна агресија и кој е широко осуден. Но, во исто време, парламентот на една од поновите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет и јазик – јазик кој е признат од ООН од 1945 година и официјално кодификуван од 1977. Па, за што точно зборуваме тогаш? Зошто никој не реагира?”
Мицкоски ја нагласи потребата за јасна европска перспектива за Македонија, без постојани блокади и нови условувања.
“Македонија заслужува извесност на својот пат кон ЕУ, наместо да биде постојано држена во неизвесност. Ако оваа практика продолжи, ќе станеме дел од една поширока појава – балканизација на Европа.”
Македонија како енергетски и транспортен центар
Премиерот исто така ја нагласи стратешката позиција на Македонија во контекст на енергетиката и инфраструктурата, истакнувајќи дека Коридор 8 и Коридор 10 можат да ја трансформираат земјата во клучен транспортен и енергетски јазол.
*”Да се биде копнена земја може да се гледа како недостаток, но ние ја користиме географската предност. Коридорот 8 е критичен не само за економијата, туку и за НАТО, бидејќи создава силна Исток-Запад оска.
Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може значително да ја промени трговијата во Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако Солун стане клучна транспортна точка, Северна Македонија ќе добие економска и геополитичка предност,”* истакна Мицкоски.
Ќе продолжи ли балканизацијата на Европа?
Македонија со години е заложник на билатерални прашања што ја спречуваат да стане членка на ЕУ, и покрај сите реформи и отстапки што ги направила.
Мицкоски ја испрати јасната порака дека Македонија не смее да биде третирана со двојни стандарди, ниту пак нејзиниот идентитет и суверенитет да бидат предмет на политички игри.
“Сведоци сме на балканизација на Европа. Наместо Европската Унија да ги приближи Балканските земји кон европските вредности, гледаме спротивен процес – Брисел станува заложник на балканските политики. Ова мора да се промени.”