Никогаш порано во Европскиот парламент не се зборувало гласно и не се спомнувало во европски извештај за македонски идентитет и јазик.

Првпат во изминатите 34 години идентитетот и јазикот се дел од извештај на известител за Македонија

Среќен сум што тој извештај го помина првиот филтер во Комитетот за надворешни работи . Tоа ќе остане во институционална меморија на ЕП. И тоа не беше едноставно да се направи. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во дневникот на Сител. Во врска со очекувањата за извештајот за земјава што наредните денови треба да се најде пред европарламентарците на пленарна седница.

Коментирајќи ги забелешките на опозицијата дека случувањата во ЕП во врска со јазикот и идентитетот се провокација од македонска страна и оти тие прашања веќе биле решени и фиксирани, Мицкоски вели дека „не може да зборува на оваа тема со национално исплакнати луѓе кои релативизираат се кога станува збор за националното. Нивен приоритет е политичката позиција и можноста да управуваат со јавните финансии за да се богатат на грбот на народот“.

– Тоа што извештајот помина на АФЕТ и ќе се најде пред ЕП, пред тие што на талибански начин ќе го поднесат амандманот за бришење на идентитетот и јазикот, значи дека тој ќе биде во овој облик како што помина на АФЕТ. Првпат европарламентарците во главниот град на Европа, Брисел, на маса ќе го имаат ова пред себе. Но, ќе се најде некој со талибански навики и залутан во политиката европарламентарец, кој ќе предложи таков амандман за бришење на јазикот и негирање на македонскиот идентитет и јазик, рече Мицкоски.

Втората битна работа е што на сите им стана јасно дека во суштина проблемот не е во неколку стотина Бугари во Уставот

– Им стана јасно дека проблемот е многу подлабок и дека сето она што го зборуваме дека е направена историска штета излегува дека сме биле во право. Но, тоа не ја намалува нашата болка. Се поголем е бројот на наши сојузници кои ја сфаќаат првата вистина, не онаа вистина што некој сака да ја портретира и конструира. Низ оптиката на тие луѓе сега поинаку се гледа на овој случај зашто вакви работи во Европа во 21 век се сосема спротивни на европските вредности, вели Мицкоски.

Прашан што понатаму во однос на евроинтеграцијата на земјата, тој кажа дека „и понатаму ќе се обидуваме да докажеме дека нашето место е таму каде што се останати 27 членки на ЕУ и да пишуваме историја“.

– Мора да се врати довербата кај македонскиот народ дека никој во иднина нема да му поставува какви било пречки и ултиматуми, оставајќи лузни на неговото ткиво. Ако тие не можат ова да го испорачаат, како ние можеме да веруваме дека промената на уставот е само формалност, а во суштина Бугарија понатаму не ќе може ништо да прави бидејќи ја претераа. Зарем не е претерување бришењето на идентитет и јазик? Ако тоа не е претерување, не знам што е, истакна Мицкоски.

Тој вели дека претходната влада презела обврски за кои им било укажувано дека е грешка.

– Зошто ја презеле таа обврска не е битно – лекомислени политичари, алчни за позиции кои мислеле дека ќе останат подолго на тие позиции ако потпишат се што им е ставено на маса и ќе им се заборават другите гревови, дека ќе има инженеринг однадвор, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да победи и тие ќе си останат во владата. И донеле погрешна одлука, посочи Мицкоски.

Во врска со барањето за внесувањето на Бугарите во Уставот, вели дека има две дилеми кои се анализираат.

– Прво, човекови права. Во многу извештаи на Советот на Европа нема показатели дека се нарушуваат човековите права кај нас. Второ – велат дека има 200 илјади Бугари, што е 10 проценти од населението, што може да доведе до нови барања за 10 проценти судии, обвинители, во јавната администрациа итн. Ако тоа не го испорачате ќе има ново вето, истакна Мицкоски.

Вели дека ако ние имаме обврски, има и Бугарија, која иако има потпишано меѓународни конвенции за човекови права, не ги почитува 14-те пресуди на Судот во Стразбур за нарушени права на Македонците во Бугарија, за признавање на ОМО Илинден Пирин како НВО, и затоа, како што наведува, „не нè сакаат и не признаваат македонски јазик и македонски идентитет“.