Многу прашања беа поставени на денешната седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања, за проблеми и состојби за кои граѓаните се сериозно заинтересирани, но за жал, како што многупати до сега се случуваше и на претходните седници, останаа јавно неодговорени, поточно ќе биле одговорени на писмено, пренесува Слободен печат.

Тоа значи дека граѓаните повторно нема да знаат што се случува за битни проблеми во Градот, иако токму тие се оние кои треба да бидат запознаени, ниту на што се трошат нивните пари, но и довербата дадена на изборите. Одговорите дадени во писмена форма, кога ќе стигнат и ако стигнат до оној што ги поставил, никогаш не се објавуваат јавно за да ги слушнат и скопјани. Од друга страна и советниците постојано, а и денеска одново се пожалија дека поставуваат прашања „во ветар“, кога никој не им ги одговара во ниедна форма.

На седницата беа поставени навистина битни прашања. Никола Пановски од коалицијата „Движење одлучно за промени“ побара информација што се случува со двата големи проекти, БРТ и пречистителната станица, но и одговор дали Град Скопје поднел пријава против човекот или луѓето за кои градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ги фатила со „рацете во медот“, но до денес нема никаква друга информација.

Страшо Ангеловски од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто досега нема информација на што се потрошени 800 000 денари за час и пол прослава на 13 Ноември, но и кој ја организираше прославата на Нова година на плоштад и колку средства се потрошени за тоа. Ангеловски сакаше да знае и дали постои Комисија за оценување проекти од област на културата, кои се нејзини членови, дали работи и дали носи одлуки кои проекти треба да добијат пари од Град Скопје.

Горан Арсов од СДСМ и коалицијата праша дали Град Скопје има намера да го раскине штетниот договор со продукција „Перспектива“ за поставување реклами на улични светилки и да се распише јавна лицитација за рекламирање на уличните светилки. Тој посочи дека 15 -тина години трае тој договор вреден 10 000 евра, со кои продукцијата си наплаќа од фирми пари за рекламирање и притоа троши струја од Градот, а ништо не му плаќа на Градот.

Ова е едно од ретките прашања на кое одговори Арсовска, која посочи дека тоа е веќе детектирано, започната е постапка не само од Град Скопје, туку и од Комисијата за заштита на конкурентноста и пред судските инстанци.

Што се однесува до Град Скопје соодветно ќе бидат покренати и постапки и тужби, најавено е раскинување со кое што сакаме да ја превенираме и штетноста која е предизвикана и се предизвикува од овој договор и соодветно низ институциите планираме да ја решиме, меѓутоа планираме и да го обештетиме градот, односо оние средства за кои Градот и Буџетот се оштетени од овој договор, да се вратат – рече Арсовска.

Градоначалничката беше испровоцирана и од координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Марија Андоновска, за да излезе на говорницата и да одговори. Андоновска посочи дека неколку спортски клубови бараат да им се врати салата за спортување во Ѓорче Петров, затоа што децата спортуваат надвор. Таа побара Арсовска да ја повлече одлуката и да им ја врати салата, а ако не, да одговори дали бизнис интересите се поважни од интересите на граѓаните.

Со обвинувања до Андоновска дека ним само бизнис интереси им се вртат низ главите, дека ги интересиира само лажење и лоповлук, како што рече, таа потсети дека таа одлука ја донел Советот и ќе се спроведе за сите да имаат еднакви права услови и можности. Притоа додаде дека во градов немало правила на игра и сега се отпочнало со некои системски решенија.

Ќе си биде објавен јавен повик, на тој јавен повик ќе се пријават сите оние кои под исти услови сакаат да ги користат спортските сали на Град Скопје, нема да има веќе привилегирани. Таа одлука се донесе од Советот на Град Скопје и се донесе за да се направи некаков ред. Ред ќе има и во тој ред ќе нема привилегирани – нагласи Арсовска.

На седницата беа поставени и други прашања кои останаа без одговор, односно како што објасни секретарот Зоран Глигоров – Секој содржаен одговор мора да биде точен, а не заснован на претпоставки, па затоа ќе биде одговорен писмено.

Па така, јавноста нема да знае до кога нема да работат печките за согорување отпад во Дрисла, бидејќи вработените таму биле приморани да ги согоруваат стеблата со канабис рачно со полевање со нафта, ниту како че се согорува медицинскиот отпад во ваква ситуација. Нема одговор ниту кога ќе биде поставен нов директор на Зоолошка градина која во моментов нема прв човек, ниту што се случи со преговорите со Министерството за култура околу ингеренциите и реконструкцијата на Универзална сала.