Ѓока Констракшн нема да гради на паркинг на Клинички – паркингот ќе се нуди на „Градски паркинг“

Министерството за здравство го поништи огласот за изградба на катни гаражи на Клинички центар „Мајка Тереза“, со што градежната компанија Ѓока Констракшн нема да го реализира проектот. Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека нема доволно средства за ваква инвестиција и понуди две алтернативни решенија.

Последната одлука за паркингот кај Клинички ќе ја има Владата

Таравари: Потребни се дополнителни паркинг места

„Ако Градски паркинг се согласи да изгради катни гаражи, тоа би било одлично решение. Требаат уште најмалку 500 до 600 паркинг места, иако оптимално би било да има околу 1.000 до 1.100, за да се избегне хаос. Сепак, според физибилити студијата, засега нема друго можно решение. Сме отворени за какви било предлози од сите страни“, изјави министерот Таравари.

„Градски паркинг“: Чекаме официјална покана за состанок

  • „Сè уште немаме добиено официјален повик од министерот за здравство за состанок на кој би ги договарале деталите. ЈП Градски Паркинг е подготвен за соработка со цел подобрување на услугите во Клиничкиот центар“, соопштија од претпријатието.

Ако „Градски паркинг“ не ја прифати идејата, постои резервно решение

Доколку јавното претпријатие не прифати да стопанисува со паркингот, друга опција ќе бидат службите за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар.

  • „Како последна опција, ќе се видам со директорот на заеднички служби. Ако ниту една од овие две страни не може да го преземе управувањето, тогаш заедничките служби би можеле да го менаџираат паркингот, со што барем би се остварил приход, а истовремено би се поставиле механизми и апарати за негова регулација“, додаде Таравари.

Огласот е поништен – ќе има интерна постапка

Според извори на Телма, ако ЈП Градски Паркинг или службите на Клинички прифатат да го преземат управувањето со паркингот, нема да се распише нов оглас, туку постапката ќе се спроведе интерно. Министерството за здравство, како корисник на земјиштето, ќе го додели управувањето на една од овие две институции.

Претходно, огласот за изградба на катни гаражи го доби единствено албанската компанија Ѓока Констракшн. Медиумите под контрола на опозицијата ја злоупотребија оваа тема. Албанската фирма требаше да го стопанисува паркингот 20 години. Иако министерот Таравари тврдеше дека рокот би бил пократок, до најмногу 10 години, државата требаше да добие само 1% од приходите од наплатата на паркингот.