До февруари следната година сите регистарски таблички на автомобилите ќе мора да ја имаат новата ознака НМК која произлегува од Преспанскиот договор, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Сите сопственици на регистрирани возила се должни да ги заменат регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака ,,МК”, односно таквите таблички можат да се употребуваат најдоцна до 12.02.2024 година – информираат од МВР.
Рокот на прилагодување во делот со меѓународните ознаки, според договорот, е пет години. Што се однесува пак до другите обврски, кои можеа да почекаат до отворањето на релевантни полиња во поглавјата кога ќе започнат официјално преговорите со ЕУ, Македонија ги исполни и предвреме.
Северни“ монети и банкноти, „Сверни“ униформи, „Северни“ институции, „Северни“ свидетелства, дипломи, изводи и други документи. Македонија се истрча и спроведе речиси се и тоа пред време иако Преспанскиот Договор предвидува преоден период за внатрешна употреба на новото уставно име.
„Издавањето на ваквите документи и материјали… ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“ стои во Член 1 Став 10 од Преспанскиот Договор.
Ова буквално значи дека свидетелствата и дипломите требаше да станат „северни“ најдоцна 5 години по отворањето на поглавјето 26 кое се однесува на образованието и културата но тие се веќе сменети.
Над 130 институции добија налог да станат национални или северни наместо македонски иако и тие имаа простор да се преименуваат подоцна, барем за внатрешна употреба.
Повеќе нема Македонска опера, Македонска филхармонија, нема ни Македонска пошта, па дури ни Македонски електропреносен систем оператор.
Меѓу ретките кои се уште го користат старото име е Македонската Радио Телевизија, иако во сите соопштенија и излагања на владините претставници тие ја нарекуваат Национална Радио Телевизија или НТВ.
Во меѓувреме Грција нема исполнето многу основни обврски кои произлегуваат од Договорот, како на пример промена на патоказите.
На таблите се уште е испишано само ФИРОМ, без никакви дообјаснувања, го нема ни старото привремено име Поранешна Југословенска Република Македонија, а уште помалку новото уставно име, Северна Македонија.
Најчесто на патакозите се избегнува дури и кратенката ФИРОМ, па на нив пишува Евзони, како што се вика граничниот премин, а од Солун до Гевгелија, само на едно место има знак на кој пишува Скопје.